Помпео бара Ријад да ги казни убијците на Кашоги


Саудиска арабија– Американскиот државен секретар Мајк Помпео побара од властите во Ријад да ги казнат сите одговорни за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.

Помпео, кој синоќа допатува во Ријад во рамки на неговата турнеја низ државите сојузнички на САД на Блискиот Исток, денеска треба да се сретне со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кој во повеќе извештаи беше посочуван како наредбодавач на убиството на Кашоги.

Помпео во Ријад допатува од Доха, каде изјави дека со саудиските официјални претставници ќе разговара за убиството на Кашоги, со цел да бидат казнети сите одговорни за тоа злосторство.

Кашоги, кој беше новинар на „Вашингтон Пост“ познат по своите критички текстови кон властите во Ријад, беше убиен на 2 октомври минатата година во Генералниот конзулат на Саудиска Арабија во Истанбул.

На 3 јануари годинава во Саудиска Арабија почна судски процес против 11 лица осомничени за убиството на Кашоги.