Пак падна системот на УЈП, продолжен рокот за ДДВ-пријави

По три дена проблеми со електронскиот систем на Управата за јавни приходи, сметководителите успеаја да издејствуваат два работни дена продолжување на рокот за доставување на ДДВ-пријавите. По закон, даночните обврзници што се регистрирани да прават месечни и тримесечни пресметки за данок на додадена вредност, задолжително по електронски пат требаше да достават ДДВ-даночна пријава заклучно со 25 октомври. Но и сега, како и изминативе години, токму кога ќе почне масовното доставување на пријавите, системот паѓа.

„Не работи ‘е-Такс’“, „Секогаш исто, чудно ќе ни беше да работеше нормално“, „И УЈП почна да празнува невидена традиција, журката е секои три месеци, а се ближи 30 декември, ќе биде страшно“, „Ало УЈП, овде сметководство, не можам ДДВ да ви пуштам, не ви работи страната“, се само дел од коментарите на сметководителите по социјалните мрежи за нефункционирањето на електронскиот систем за пријавување на УЈП.

На прашањето на што се должи проблемот, од УЈП одговорија дека согласно спроведените анализи, функционирањето на расположливиот капацитет во дел на обработката се одвива со интензитет соодветен на очекуваните параметри. „Но во таканаречените критични датуми (крајни рокови за достава на пријави утврдени во законските одредби по видови даноци) во кои вообичаено бројот на пријави е неколкукратно зголемен, тоа резултира и со забавување на обработката, за што од страна на Управата за јавни приходи се преземаат сите мерки со цел подобрување на состојбата. Тоа особено е изразено кога во последните 72 часа од крајниот рок има неработен ден или празник, кој дополнително го зголемува притисокот врз трансферот на податоци во системот“, ни одговорија од Управата за јавни приходи.

Рокот за поднесување ДДВ-пријава е одложен до 29 октомври.

УЈП тврди дека има капацитет за обезбедување стабилност на системот и негова надградба и дека вложува максимални напори за спроведување на  реформите што се во тек.

Анита Салтировска