Пад на великанот: Кајзерслаутерн во трета лига

Четирикратниот германски фудбалски првак, Кајзерслаутерн првпат во својата 118-годишна историја испадна во третата лига откако вчера загуби на гостувањето во Билефелд со 2-3. Кајзерслаутерн е на последното место во втората лига со 29 бодови, осум помалку од зоната за опстанок. Овој тим, кој ја освои бундес-лигата во 1951, 1953, 1991 и 1998 година, последен пат во првата лига играше пред шест години. Денеска буџетот на Кајзерслаутерн изнесува „скромни“ 13 милиони евра.