Откупени над 15 милиони килограми тутун по просечна цена од 210 денари за килограм

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска ги посети откупните пунктови за тутун во скопскиот регион, каде се сретна со тутунарите и разговараше за состојбата со откупот на тутунот.

– Ме радува што 94 проценти од вкупно откупениот тутун веќе е исплатен кон тутунопроизводителите за што лично и денес можевме да се увериме. Тоа се околу 50 милиони евра што се веќе исплатени од страна на откупувачите кон тутунопроизводителите за целокупниот откупен тутун од оваа година. Очекуваме непречен откуп до исплаќање на целокупната откупена количина. Оваа година обезбедени се средства за навремена и целосна исплата на субвенциите на тутунопроизводителите, а тоа се околу пет милиони евра повеќе пари од предходните години кои државата овој период односно со почеток од минатата година веќе ги обезбедува за тутунопризводителите, изјави министерот Николовски.

Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, досега се откупени над 15,3 милиони килограми тутун по просечна откупна цена од 210 денари за килограм.

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, рече со ланската исплата на субвенциите биле исплатени 26.390 корисници, односно 28 милиони евра.

– Со самото завршување на откупот што се очекува да заврши за скоро време и внесувањето на податоците од страна на откупните претпријатија во единствениот ИСЕТ систем што од минатата година почна за првпат да работи и преку кој се надминати многу поранешни пречки при проценката и исплатата на субвенциите, ние вднаш ќе преземеме мерки за административна обработка на барањата на тутунопроизводителите, контрола на теренот и во април навремено да се исплатат субвенциите како што веќе е воведена пракса, рече Бабовски.

Директорот на ДИЗ, Благој Индов рече дека процесот тече без големи проблеми.

– Постојано сме на терен на откупните пунктови и во фирмите за проверката на процесот со откупот. До сега немавме никакви проблеми. На неколку места се случија ситни интервенции и пријави за кои веднаш интервениравме и на задоволство на тутунарите се решија. Минатата недела имавме контрола кај сите откупувачи каде проверувавме како тече исплатата. Секаде оди нормално како што е договорено, изјави Индов.

Од МЗШВ информираат дека за реколтата 2017 на тутунарите им се исплатени 28 милиони евра, дека субвенциите се исплатени навреме пред почетокот на новото производство и ваквата пракса ќе продолжи и годинава, пред почетокот на новата реколта тутунарите да ги добијат субвенциите.

– Минатата година засеани беа 14.802 хектари со тутун, а склучени беа 34.104 договори со девет откупни претпријатија. Се издадоа 23.430 евидентни листови, а вкупното договорено количество за откуп изнесуваше над 29.000 тони тутун. Во споредба со тутунот од реколтата 2017, за тутунот од 2018 се издадени 57 евидентни листови повеќе и се склучени над 4.700 повеќе договори. МЗШВ бележи и зголемени засадени површини со тутун за 387 хектари. Овие податоци покажуваат дека новиот модел на зголемени субвенции со кој субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари за килограм, 70 денари за втора класа и 60 денари за трета класа и дополнителните класи за тутунот, дава резултати и како таков продолжува и оваа година, се наведува во соопштението од МЗШВ.

Во владина процедура влезе новиот Закон за тутун и тутунски производи, со кој ќе се подигнат стандардите на квалитетот на тутунот, но исто така и на тутунопроизводителите како клучен фактор во целиот процес на тутунопреработката. Законот предвидува укинување на евидентните листови или т.н „бели картони“, кои за реколтата од 2019 година ќе се спроведе како пилот. Со оваа законска одредба МЗШВ значајно ќе ги намали бирократските процедури за тутунарите на начин што, тутунарите ќе склучуваат договори директно со откупните претпријатија. Истовремено, овој закон предвидува понатамошно усогласување со европските директиви и најдобри примери од ЕУ во контекст на прилагодување кон европските стандарди.