„Остен“ ќе ги соопшти наградените автори на 50. Светска галерија на карикатури
„Остен“ вечер во Музеј на Град Скопје ќе ги соопшти наградените автори на 50. Светска галерија на карикатури Скопје 2018 и ќе информира и за плановите за одбележување на полувековниот јубилеј.
Првата селекција на учесници на 50. Светска галерија на карикатури ја направи познатиот карикатурист од Турција Ердоган Басол, кој беше и член на жири, а останатите членови на интернационалното жири кое одлучуваше за наградите се: Ан Телнес од, САД (уредник-карикатурист на Вашингтон пост), Мостафа Рамезани, Иран/Франција (карикатурист и графички дизајнер), Владимир Казаневски од Украина (карикатурист и предавач по Теорија на уметноста на карикатурата) и Мице Јанкуловски од Македонија (уметник, карикатурист и претставник од „Остен“).
По повод 50-годишниот јубилеј, „Остен“ ќе изложи по едно дело од сите карикатуристи кои се пријавиле на 50. Светска галерија на карикатури Скопје 2018. Изложбата ќе може да се посети од 1-ви до 10 јуни во Музеј на град Скопје.
– Светската галерија на карикатури и овојпат ги обедини уметноста, хуморот и интелигенцијата од цел свет, изразена преку цртеж. Доследни на својата заложба за поттикнување на уметноста на хартија, како и секоја година, основен критериум за учество на Светската галерија на карикатури беше учество со оригинални, рачно цртани карикатури, сатирични цртежи и стрипови. Карикатуристите од целиот свет ја поздравуваат оваа наша заложба и ги препознаваат нашите напори за поттикнување вистински уметнички вредности при создавањето на карикатурите, па одѕивот беше исклучително голем: 208 карикатуристи од 50 земји во светот испратија во Остен близу 800 карикатури, соопшти „Остен“