Османи: Македонија и Албанија заслужуваат место во стратегијата за проширување на ЕК

Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Република Албанија оствари средба со албанскиот министер за Европа и надворешни работи на Република Албанија, Дитмир Бушати, со кој разговарале за развојот на билатералните односи меѓу двете земји, како и предизвиците со кои се соочуваат на патот кон ЕУ

– Сакаме јасно да истакнеме дека не постои кредибилност на процесот на проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан, без јасни перспективи за напредок на европските интеграции за Македонија и Албанија, рекол Османи.

Додал дека и Македонија и Албанија заслужуваат соодветно место во Стратегијата за проширување на Европската Комисија, најавена од нејзиниот Претседател Јункер, а која се очекува да биде објавена на почетокот на февруари.

Соговорниците ја отвориле и темата за полноправно членство на Република Македонија во НАТО, за што Османи побара директна поддршка од страна на Република Албанија.

– Македонија и Албанија имаат одлични меѓусебни односи кои очекуваме да резултираат со поддршка и заложба од страна на Албанија за нашето членство во НАТО, рекол вицепремиерот Османи.

На средбата бил потенциран новиот моментум во кој се наоѓаат земјите од западен Балкан, кој бил оценет од соговорниците како историска шанса за народите на Балканот конечно да ги затворат прашањата за меѓусебна интеграција и да се приклучат на цивилизациските текови на Европа.

– Имаме заеднички предизвик, но и заедничка можност да се приклучиме на современите цивилизациски текови, што претставува исполнување на историската обврска да обезбедиме прогрес и напредок за граѓаните на нашите земји, истакнал Османи.

Покрај средбата со Министерот Бушати, тој имал средба и со претседателот на Република Албанија, Илир Мета, претседателот на Собранието Грамоз Ручи, а треба да се сретне и со претседателот на Демократската партија на Албанија, Лулзим Баша.

Посетата на Тирана е дел од мини балканската турнеја која Вицепремиерот Османи ја започна со посетата на Атина на почетокот на месецов и се очекува да продолжи со посета на Белград, а потоа и на Софија.