Орбан да си даде оставка

Слободанка Јовановска

За големиот скандал што ни се случи оваа недела – бегството на Никола Груевски – нема кој да даде оставка во Македонија. Уште повеќе, така како што тргнал со изговорите премиерот Зоран Заев, единствен кому ќе му побара оставка, ќе биде унгарскиот премиер Виктор Орбан. Вчера пред новинарите Заев надолго образлагаше како сè било по закон, дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски – чие име не сакаше ни да го спомне за да не падне некоја прашинка вина врз него – направил сè како што пропишувале процедурите, и сега Виктор Орбан е тој што треба да покаже дека во Унгарија имало владеење на правото! Барањето спас во процедурите и во силната желба за почитување на законите достигна таков апсурд што Владата комплет најдобро да се затвори во некоја библиотека и да си чита закони од сабајле до вечер, бидејќи реалноста во Македонија бара многу повеќе од тоа.

Она што ни се случи со бегството на Груевски, мора да се каже, е срамота невидена и во македонски рамки, а вакво нешто не му се случува ни на Пакистан, а не, пак, на европски земји. И тоа што поранешен премиер, авторитарен властодржец, криминалец и патолошки лажго избега со леснотија од државата вчера не беше доволна причина владејачкото мнозинство во парламентот, по цена законски да одговара, да стави крај барем на платата што по закон и по процедура треба да ја добива Никола Груевски додека бара политички азил во друга држава. И да дозволи еден патолошки криминалец да вреска дека е жртва на прогон и со давањето натаму плата парламентот да му даде легитимитет на неговиот пратенички мандат и на неговите поплаки.

Вакво распаѓање на системот по секоја основа и вакво апсурдно функционирање на правната држава на штета на самата правна држава веројатно нема во друга земја во Европа. И, уште премиерот верува дека води борба против корупцијата во Македонија, и верува дека тоа ќе го „купи“ Европската Унија. И дека по ваков пример некој воопшто ќе следи што преговара нашата делегација во Брисел на тема владеење на правото, кога секој ден реалноста испорачува политички дебакл.

Заев и министрите, пред сè, треба да се сетат на која агенда и со какви барања дојдоа на власт во Македонија. Дека борбата против корупцијата беше главната идеја, а далеку потоа членството во НАТО и Европската Унија. Дека во таа борба не само што нема резултат, туку од оваа перспектива сега станаа апсурдни сите процеси што ги води Специјалното јавно обвинителство, а стана и апсурдно самото постоењето на тоа обвинителство. Зошто, на крајот на краиштата, да плаќаме некаква скапа институција чии обвинети добиваат амнестија или бегаат од државата? И на крајот на краиштата, каква е таа борба против корупцијата во која мозокот на криминалите, а веројатно и на бегството на Груевски од државата, Сашо Мијалков, е оставен како и експремиерот со ептен „јака“ мерка за заштита – одземање на пасошот – кога и врапците знаат дека македонскиот му е една од повеќето патни исправи и дека уште полесно од Груевски може да си замине од Македонија. Каква е таа борба против корупција кога на толку аудиоснимки во кои се гледа улогата на Трајко Вељаноски на 27 април нема никакво обвинение, па уште и се дозволува да ѝ оди на нерви на јавноста продавајќи политички морал во парламентот.

Заев и министрите треба да излезат од кабинетите и да слушнат што мисли јавноста за начинот на кој дозволија да им избега Груевски и сега бегаат и самите од одговорноста за тоа. Дека за повеќето станува збор за слабо режирана фарса, за неспособност на власта, за функционирање на МВР како во стечајна постапка, за пародија од акција за откривање на експремиерот и за бесрамно префрлање на (не)одговорноста од институција на институција. Јавноста сака да знае што полошо треба да се случи од ова за некој од Владата конечно да излезе и да си поднесе оставка од морална причина, колку и да работел по Устав и по закон.

Тоа што Груевски ни се насмеа во лице од Будимпешта, откривајќи самиот каде е додека се одвиваше смешната акција по гаражите, не само што не ја намали самодовербата на првиот полицаец Оливер Спасовски туку напротив – тој и натаму е подготвен да спроведува владеење на правото во Македонија така што ќе цитира закон, додека тие што ги кршат законите и ги користат нелегално премините не се посрамат еден ден и не речат – какви сме ние неевропеизирани криминалци, вака ли се влегува во ЕУ и НАТО?