Општинскиот совет на Атина отфрли барање за резолуција за протестот против името Македонија
Со осум гласа „против“ и три „за“, Општинскиот совет на Атина го отфрли барањето на пратеникот на Златна зора, Илијас Касидијарис за издавање резолуција за поддршка на протестот во Атина.
Според грчката новинска агенција, АПЕ-МПЕ, јавува дописникот на МИА од Атина, атинскиот градоначалник Јоргос Каминис, предложил барањето да се отфрли со објаснување дека референдумите и резолуциите го делат народот и шират омраза.
– Секој, кој поставува теми за референдуми и резолуции за името, единствено нешто што сака да постигне е да го подели грчкиот народ. Ја зајакнува омразата. Одговорна за управување со ова прашање е официјалната грчка Влада, имајќи ја наспроти неа демократската опозиција. Денес потребна е трезвеност и смиреност, рекол атинскиот градоначалник, според грчката новинска агенција, во неговото излагање и образложување зошто предлага да се отфрли барањето на Касидијарис.
Заменичката на градоначалникот на Атина, во нејзиното излагање на советот, според АПЕ-МПЕ, рекла дека се уште не било доставено барање до општина Атина за отстапување на централниот плоштад Синтагма за одржување на протестот за „одбрана на името Македонија“.
Организаторите на неделниот собир во Солун, најавија дека на 4 февруари ќе се одржи нов протест во Атина.