Каролина Гочева-Корубин, поп-ѕвезда: Со сопругот делиме иста страст кон патувањата


Кога ве прашуваат која дама е поп-ѕвезда кај нас, од прва ви текнува на Каролина Гочева-Корубин. Згодна, со моќен глас, модна икона, ја знаат од 7 до 77 години. Миленичка е на медиумите, иако не сака да зборува за приватниот живот. Една од ретките ѕвезди која ви крева телефон и која е будна во 10 часот наутро. Актуелна е со новиот, седми албум „Извор“.

По концертниот маратон пред четири години, повторно се врати во Македонската опера и балет, со седум концерти. Дали беше возбудена?

– Седум незаборавни дружења се зад нас, секој концерт беше приказна за себе, секој ден публиката и ние успевавме да изградиме нова интимна атмосфера, нова приказна која тој ден беше само наша. Сите бевме возбудени, цела екипа, од ден на ден сѐ повеќе уживавме во изведбата во МОБ.

И новиот албум „Извор“ е со етнозвук, како и претходните два „Македонско девојче 1 и 2“. Етнозвукот те избира тебе, ти го избираш или едноставно такви беа околностите?

– Последниот албум не би го ставила во еден жанр. Имаме сосема мало етновлијание, овој пат сме поблиску до поп, но секако повторно успеавме да испреплетиме неколку музички жанрови кои заедно прават звук кој е веќе препознатлив за мене. Ми се допаѓа ова што го правиме последните години и секако дека е мој избор.

Од твое искуство, што е потешко да се пее. Поп или етномузика?

– Овој формат што сега го работиме е многу потежок за изведба, почнувајќи од песните што се прилично специфични за интерпретирање, сѐ до фактот дека на бина сум целосно сама, без придружни вокали и се потпирам само на својот глас, па вокалната одговорност е само моја. Секако, публиката е таа што ми помага во одредени песни, но несомнено овој жанр можеби не е потежок, но е поспецифичен, па со тоа и многу поголем предизвик.

Која ти е драга песна која често ја потпевнуваш?

– Не знам, ги пеам сите, можеби „Бели цветови“ последниве денови.

Актуелна си и со новата модна кампања. Како поп-ѕвезда која е успешна, без скандали и одличен изглед и стил на облекување, постојано те ангажираат и во реклами и во кампањи со хуманитарна цел. Очигледно македонската јавност никогаш не се презаситува од Каролина Гочева. Дали си задоволна како тече твојата кариера?

– Сите овие работи и кампањи што се погоре набројани се резултат на долгогодишна работа и труд. Успешни брендови секогаш сакаат да соработуваат, а мене ми се многу драги таквите соработки, особено како жена ми се убави и релаксирачки соработките поврзани со мода и убавина.

Дали заедно со твојата матична куќа имате планови за повторно освојување на регионот?

– Ние и минатиот албум го издадовме во регионот, издавач ни беше престижниот „Далас рекордс“, а меѓу концертите што би ги издвоила се „Коларац“ во Белград и настапот на „Егзит 2015“.

Често патуваш. Која ти е омилена дестинација, а која сакаш наскоро да ја посетиш?

– Со сопругот делиме иста страст кон патувањата и секогаш сакаме да посетиме некоја нова дестинација, а некаде се враќаме и повеќе пати, како во Рим, Миконос… сум била неколку пати во Австралија и посебно го сакам Сиднеј, па би сакала наскоро повторно да го посетам.

Сѐ уште соработуваш со Славица Паковска за твојот стил на настапите. Дали твојот стил во текот на кариерата се менуваше? Во што се чувствуваш најубаво?

– Цаци е мој соработник веќе долги години и секако дека стилот низ годините ми се менувал на сцена, но и приватно, како што сум се менувала и јас, како што сум созревала… последниве години на сцена покрај тоа што нешто треба да ми се допаѓа и да ми прилега, најважна ми е удобноста, важно ми е да се чувствувам пријатно и да не размислувам на облеката што ја носам.

Лејла Сабит