Околу 300 деца со попреченост девет месеци чекаат да поправат заб


Околу 300 деца со попреченост чекаат девет месеци за да поправат заби на Клиниката за стоматологија, бидејќи толку време нема апарат за анестезија кој е за потребен за да се изврши интервенцијата.

Кај децата со попреченост, секој зафат на забите мора да се прави со општа анестезија. Стоматолошкиот клинички центар е единствен во државата каде тоа можат да го направат.

Родители се жалат дека децата трпат големи болки, а тие не можат да им помогнат.

-Станува збор за деца со посебни потреби и тие се специфични пациенти. Не може било кој и било каде да им поправа заби. Мора со анестезија и мора на Клиниката за стоматологија, оти приватно не можеме. Мојот син е со церебрална парализа, половина година забот му е расипан. Многу го боли, нервозен е, плаче. Како да му објаснам зошто не можам да му помогнам? – вели мајка од Скопје.

Д-р Агим Караи, директор на Стоматолошкиот клинички центар, објаснува дека проблемот настан во мај минатата година, кога се расипал апаратот за анестезија во детскиот оддел. Била платена поправка, која чинела 200.000 денари, но апаратот не бил ставен во функција.. Потоа било кажано дека не можат да се најдат делови. Лекарите одбиле да го употребуваат бидејќи бил ризичен за пациентите. Во септември, новиот директор ја почнал набаваката на друг апарат. Работата се одолговлечила поради тендерската процедура.

-Знам дека стоматолошките услуги за деца со попреченост се голем проблем. Родителите со право реагираат. Јас уште на 5 септември нарачав нов, современ апарат за анестезија од Германија. Апаратот стигна и најверојатно од понеделник ќе биде ставен во функција. Ќе се работи со најдобри пломби за овие деца да не се ставаат двапати во анестезија – вели Караи.

Сепак, и со новиот апарат, листата на чекање е долга и тешко дека децата од крајот на листата во следните месеци ќе дојдат на ред. Има само една сала и еден анестезиолог и дневно може да има максимум по тројца пациенти. Стоматолошкиот клинички центар побарал од Министерството за здравство да се отвори уште една сала за да се забрза работата.
С.С.З.