Од овчеполскиот ветер ќе се произведува струја

Општина Свети Николе очекува наскоро да се изгради ветерниот парк, кој ќе произведува зелена енергија. Градоначалникот на Свети Николе Сашо Велковски вели дека скопска фирма веќе ја има добиено концесијата, а ветерниците ќе бидат изградени во близина на селото Богословец.

Кога се патува по регионалниот пат Велес-Штип кај местото викано Овче Поле од десната страна ќе се гледаат ветерниците. Инаку ова ќе биде и првата приватна ветерна електрана во земјава, откако ЕЛЕМ ја изгради ветерната електрана кај Богданци.

– Владата на Република Македонија одобри концесија на фирмата „Тор Импекс“ од Скопје за изградба на 10 ветерници во овој крај. Значи на потегот кај Богословец со капацитет од 36 мегавати. Тоа значи дека една ветерница ќе произведува 3,6 мегавати електрична енергија, што е доволно за голем број на жители на оваа подрачје во Македонија, рече Велковски.

Паралелно ќе се гради и нова трафостаница со приклучен далновод. Велковски истакна дека екипите на фирмата „Тор Импекс“, која ја доби концесијата за изградба на ветерниот парк ги има извршено мерењата. Забележува дека досега во Овчеполскиот регион не се искористени ветерот и сонцето, како зелена енергија, а за што токму овој регион има најповолни услови за инвестирање во производство на зелена енергија. Во моментов имаат и заинтересиран инвеститор за изградба на фотоволтаична централа.

– Јас сум убеден дека Свети Николе конечно ќе добие шанса за производство на зелена енергија, во таков капацитет што ќе ги задоволи потребите на граѓаните ан Република Македонија, бидејќи досега природните ресурси во Свети Николе не беа доволно искористени, зборам за сончевите часови и за ползата од ветерот. Врз основа на пресметките кои што ги има направено фирмата, која ја има добиено концесијата, тоа е 6,1 метар во секунда има просечно дување на ветерот во оваа област, вели Велковски.

Во Стратегијата за обновливи извори на енергија на Министерството за економија како поволни локации за изградба на ветерници се посочуваат и кај светниколското село Ерџелија и кај штипското село Шашаварлија.

Првата приватна ветерна електрана во земјава ќе се гради во атарот на селото Богословец, кое е веќе иселено, а сопствениците на старите куќи или на новите викенд куќи се враќаат само за време на викендите.