Одложено рочиштето за изборните измами во Чаир

Судењето за случајот „Титаник 3“ на СЈО што требаше да се одржи денеска е одложено за 27 април поради отсуство на еден од обвинетите во случајот, пратеникот на ДУИ, Ејуп Аљими. Според одбраната, тој бил на службено патување во Албанија, како координатор на пратеничката група на ДУИ.

Во предметот „Титаник 3“, покрај Аљими, обвинет и Исмет Гури, член на Општинската изборна комисија за општина Чаир.

Двајцата се товарат за „уништување изборен материјал“.

Обвинителката од СЈО Фатиме Фетаи реагираше и рече дека според нејзините сознанија, за координатор на група е секогаш предвидена замена. Побара доказ од адвокатот дека Аљими морал лично, а не некој друг да оди на службениот патување во Албанија.

„Аљими бил уредно поканет. Поканата ја примил на 1 март. Знаел за патувањето во Албанија, а не го информирал судот“, рече Фетаи.

Оља Ристова претседател на Судечкиот совет го задолжи претседателот на Собранието талат Џафери и генералниот секретар Цветанка Иванова во рок од 15 дена писмено да го известат судот за евентуални службени патувања и отсуства на Аљими со цел да се планираат судските рочишта.