Обезглавени институции: Од понеделник – и без Антикорупциска и без ДИК

Собранието во понеделник се очекува да ги констатира оставките на пет члена на Антикорупциската комисија, затоа што за тогаш е закажана нова пленарна седница. Со тоа во Антикорупциската комисија ќе останат само уште двајцата членови Сузана Таскова Аџикотарова и Најдо Спасевски, кои не можат сами да одлучуваат.

Во понеделник за Државната комисија за спречување корупција( ДКСК) ќе расправа и собраниската Комисија за избори и именувања, на чиј дневен ред е ставена точка за утврдување предлог-одлука за разрешување на антикорупционерите.

Поранешниот претседател на ДКСК Горан Миленков, пред десетина дена, прв поднесе оставка, поради информациите  дека членови на Комисијата  лажирале сметки за патни трошоци и изнајмувале станови по нереални цели, што ги откри внатрешната ревизија на УЈП. Следниот ден, оставки поднесоа и досегашниот претседател на ДКСК Игор Тантуровски и членовите Жаклина Дамчевска, Сејди Халили, Фадие Алиу.

По констатирањето на оставките на досегашните членови на ДКСК, Собранието треба да распише конкурс за избор на нови пет члена на ова тело. Тие би имале мандат од околу една година, со оглед на тоа што не се избира целосно нов состав на Комисијата, туку само се пополнуваат испразнетите места во составот кој беше избран пролетта 2015 година.

Во меѓувреме, партиите преговараат за нов концепт на идниот состав на ДКСК, слично како што се водат разговори и за поинаков модел на Државната изборна комисија, која, пак, е без членови уште од декември минатата година. Поточно, ДИК, веќе со месеци, има само еден член – од Беса, додека другите осуммина поднесоа, исто така, еден по еден оставки, поради скандалот со високите надоместоци за последните изборни циклуси.