Новиот Клинички центар ќе се гради со кредит од Банката за развој

Новиот Клинички центар ќе биде приоритет за Владата и за него е обезбеден кредит од Банката за развој на Советот на Европа (ECB), соопштија од Владата.

Премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вчера се сретнаа со делегација на ECB, предводена од Витомир Мајлс Рагуз, регионален менаџер на банката.

„На средбата беа презентирани фазите за реализација, имајки ги предвид прашањата за локацијата на клиничкиот центар, изградбата, опремувањето на клиниките соодветно на најновите достигнувања во медицинската технологија, како и прашањето на инфраструктурните проекти за поддршка на работењето на центарот и сообраќајните решенија“, се вели во соопштението.

Се очекува конечната одлука за најдобрите опции за изградба на Јавната здравствена установа клинички центар „Мајка Тереза“ да биде донесена на една од наредните седници на Владата.