Новинарите утре на протест: Против заканите на Бекир Асани и поддршка за Насер Селмани

Македонските новинари утре во 11 часот ќе се соберат пред Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) од кадешто ќе се упатат на протест пред Владата.

Ваквиот потег произлегува по упатените заканите од страна на функционерот на ДУИ, Бекир Асани кон претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

„Од Владата ќе побараме на дело да покаже дека се залага за функционирање на секој сегмент на правната држава, особено кога во прашање е слободата на говор и физичкиот интегритет на новинарите. Повод за протестот се заканите упатени кон претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, од страна на висок партиски функционер на коалициониот партнер во владата, ДУИ, Бекир Асани“, информираше претседателката на Самостојниот синдикат на новинарите, Тамара Чаусидис.

Таа на својот Фејсбук профил објави дека контроверзниот Асани ужива углед на недопирливост и неказнивост, а неговите последни навреди и закани упатени кон Селмани имаат цел да ги заплашат сите новинари.

„Ова не е само протест за поддршка на колегата Насер Селмани кој е изложен на сериозни закани и притисок, туку и порака до сите граѓаните кои се загрижени за окрепнувањето и чувањето на темелните вредности на правната држава како слободата на говор и владеењето на правото“, пишува Чаусидис.