Нимиц: Создадена е позитивна атмосфера, на повидок е можно решение

Специјалниот претставник на ОН за спорот со името меѓу Македонија и Грција, Метју Нимиц, пред денешната нова рунда разговори во Њујорк, оцени дека со зачестените средби на министрите за надворешни работи на двете земји, се создала позитивна атмосфера со помалку тензии и отсуство на критички коментари, па затоа на повидок е можно решение.

Последната средба помеѓу Никола Димитров и неговиот колега Никос Коѕијас се одржа минатата недела во Солун. Имаше добар разговор со фокус на унапредување на билатералните односи и соработка во поширок контекст, поврзан со тековните Мерки за градење доверба, соопштија македонското и грчкото МНР. Министрите тогаш изјавија дека од Нимиц очекуваат иницијална рамка со која ќе се оствари напредок во надминувањето на разликите околу името.

– Имам некои идеи кои двете страни треба да ги разгледаат. Сакам да помогнам со доближување на разликите во ставовите. Знаеме дека решението на овој тежок спор помеѓу два соседи бара доза на компромис кај двете страни, и верувам дека тоа ќе биде постигнато во согласност со дигнитетот и националните интереси на двете страни, изјави Нимиц.

Според него, таквото решение ќе ја зајакне безбедноста на двете земји и на регионот.

Медијаторот на ОН додаде дека постои позитивно расположение и во Атина и во Скопје кон подобрување на односите и засилување на европските димензии на регионот.

– Беше побарано да ги презентирам моите идеи пред двата перговарачки тима, овде во Обединетите Нации во Њујорк. Видливо е дека двете Влади имаат чесни намери и верувам дека тие ќе ги прифатат моите предлози со позитивни гледишта, а тоа да служи како основа за понатамошна дискусија и конечен договор, вели Нимиц.

Тој денеска во Њујорк по средбите со делегациите на двете земји ќе одржи прес-конференција, во 12:30 часот локално време.

Новата рунда преговори за името коинцидира со официјалната посета на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на Скопје.