Нема да има нови вработувања околу Законот за јазиците

Иако  една година по стапувањето во сила на Законот за употреба на јазиците сите институции треба да донесат подзаконски акти за негово спроведување, од владата велат дека нема да се вработи ниту едно ново лице во нив, па и во Инспекторатот и Агенцијата за употреба на јазиците – две институции што ги предвидува законот. Според најавите од владата, само ќе се искористат постојните капацитети на јавната администрација.

И од страна на Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор се уште не почнале со избор на административци кои ќе се ангажираат во Агенцијата за јазиците. Оваа институција за време на викендот не успеа да обезбеди податоци за тоа колку вработени имаат посебни квалификации како лингвисти и преведувачи, што ќе се користат во Агенцијата за преводи.

Според официјалните проценките, сепак, над 1,7 милиони евра ќе бидат потребни за да се имплементира новиот Закон за употреба на јазици. За функционирање на двете нови институции, кои допрва треба да се формираат, Агенција за примена на јазикот и Инспекторат за употреба на јазиците, годинава ќе им бидат потребни 260 илјади евра, а многу повеќе пари ќе им требаат на постоечките институции.

За оваа 2018 година со буџетот обезбедени се 1,46 милиони евра. Тие во рок од шест месеци, од носењето на законот, треба да овозможат целосно да се употребува албанскиот јазик. Трошоците на нотарите и на извршителите, кои исто така, се задолжени да го применуваат законот, не се пресметани во буџетот и тие ќе плаќаат од свој џеп.

Во однос на вработувањата во новите институции, во законот стои дека еден дел ќе бидат превземени од други државни институции, пред се од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Но, од Владата сега тврдат дека не дел, туку сите вработени ќе бидат превземени.

„Во оваа фаза рано е да се каже колку вработени ќе има во новите институции. Тоа допрва ќе се анализира. Но нови вработувања нема да има. Ќе се искористат постојните капацитети на јавната администрација. Сите трошоци за импелентација на законот се испланирани во буџетот за 2018 година,“ тврдат од владата.