На јубилејните 25. „Охридски трубадури“: Пантелис Кастанидис очекува втора победа на Грција
Пантелис Кастанидис, еден од најнадежните млади пејачи во Грција, ќе настапи на Интернационалната вечер на јубилејните „Охридски трубадури“, на 8 септември. Тој со песната „Тора агапао“ (Сега сакам) се надева дека ќе го повтори успехот на својата сонародничка Елизабет Христоу, која победи лани на фестивалот.
Роден е во градот Патра. Потекнува од семејство на музичар. Неговата дискографија започнува уште во 2010 година, кога ја објавува песната „Den xero poios eime” (Не знам кој сум јас), која се пласира на второто место на натпреварот „Еуровојс“. Неговиот нагорен пат на грчката естрада продолжува со песната „Apo simera“ (Од денес) во 2014 година. Таа долго време се врти на музичкиот канал на МАД ТВ, а беше прогласена и за песна на неделата на грчката Ем-ти-ви.
Во 2017 година учествува во грчкото издание на „Војс“ и бил избран да му се приклучи на тимот на познатата грчка ѕвезда Сакис Рувас.
Две години по синглот „Прин кала кала“, Пантелис ја снима „Тора агапао“ (Сега сакам) со која ќе настапи на Интернационалната вечер на 25. јубилеен фестивал „Охридски трубадури“, како предлог на музичкиот клуб „ИНФЕ Грција“.