На Јанкулоска за „Тенк“ ќе и се суди во одвоена постапка


Кривичниот суд денеска донесе одлука да ја раздвои постапката за поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, која е обвинета во случајот на СЈО „Тенк“, што се однесува за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.

Јанкулоска не дојде на денешното рочиште за „Тенк“, за што одбраната до Судот достави лекарска потврда, во која е наведено дека има „ризична бременост“.

Откако направија увидот во лекарското уверение, обвинителите на СЈО побараа раздвојување на постапката за Јанкулоска, односно да и се суди одвоено.

На барањето за раздвојување на постапката се противеше одбраната на поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот помошник за внатрешни работи Ѓоко Поповски, бидејќи според нив Јанкулоска е важна за нивната одбрана.

Од затворот Шутка беше донесен да сведочи и поранешниот директор на СОЗР, Васе Доневски.

Во случајот „Танк“, за набавката на луксузниот „мерцедес“ вреден 600 илјади евра, обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски.

Ново рочиште за „Тенк“ е закажано за 20 април.