На снег со Сузана Турунџиева: На Божик ќе ни фалат драгите луѓе што прерано не напуштија


Годината што измина за водителката и автор Сузана Турунџиева (49) беше напорна, тензична, но сепак убава. Година на големи промени на личен, на професионален, а особено на духовен план. Професионално – стана амбасадор за грижа со ВИП-клиенти во приватна фирма и се врати на ТВ-екраните со забавно-контактна емисија „Недела во три“, а приватно – ја омажи ќерка си Лора.

По славењето на Новата година во домашен и топол амбиент во Скопје, во 2019 година влезе со најубави мисли и романтично, на снег, во Крушево, на минус 12, заедно со семејството: ќерките Лора (18) и Матеа (10) и зетот Филип (24).

– Крушево е нашата почетна станица секоја зима, во јануари доаѓаме тука, за да ги наполниме белите дробови со чист воздух, да зграпчиме од белилото на падините и да се подготвиме за годината што почнавме да ја трошиме. Во Крушево има нешто посебно, магично! Остануваме до 5 јануари. Од 2 јануари за ручек почна да врне снег и сè уште не престанува. Како да склучивме договор со небото да наврне многу снег откако ќе стигнеме. Прекрасно е, како во бајка…

Ретко кој знае дека јас сум и долгогодишен практикант на јога и благодарение на неа успешно ги премостив сите лоши периоди во мојот живот. Во родниот град на никогаш непрежалениот Тоше уживам во практикување јога-вежби во снежната белина. Крушево беше и секогаш ќе остане местото во кое најубаво ги полнам батериите, најспокојно спијам и најмногу се одморам – ја раскажа Турунџиева за „Независен весник“ својата новогодишна и божикна приказна.

Каде ја поминавте Новата година и со кого?

– По еден неверојатно стресен и набиен со обврски декември, едвај чекав на 31 декември попладне да стасам дома, да облечам пижами и барем 24 часа да не мислам на ништо, да не брзам за никаде и да се разбудам утредента без активиран аларм. Мојата најмала и највозрасна девојка од моето „племе“ и јас си ја дочекавме 2019 година во опуштена, релаксирана и домашна атмосфера, и воопшто не жалам што не бев на некое друго место. Утредента ни се придружија и другата ќерка и зетот, така што убаво ни тргна годината.

Што за вас и за вашето семејство значат новогодишните празници?

– Новогодишните празници за нас претставуваат време на приредување изненадувања едни на други, украсување на домот и „реставрирање“ на нашите мисли. Речиси секој декември сме дел од некој хуманитарен настан, проект или карван, каде што се трудиме некому да му приредиме радост и да му подариме нешто за празниците. Од мали ги воспитував моите деца да имаат благородни срца и да излезат во пресрет секогаш кога за тоа ќе им се укаже можност. Овој пат имавме неколку такви настани во центарот „Уметност на живеење“, каде што веќе подолго време практикуваме јога, и благодарение на техниките што таму ги учиме, нашите вибрација и енергија се на високо ниво. Таму научивме да бидеме „со себе“ бидејќи ако не сме со себе кој би можел да биде со нас?

Позната си по украсувањето на новогодишната елка. Која боја на украсите доминира годинава?

– Украсувањето и декорирањето на домот ми се огромна страст и уживање. Низ годините наназад правев безброј лудории, во кои многу ми помагаа ќерките, дури и рачно изработувавме лампиони и украсни кутии за подароци. За секого различна! Јас и моите ќерки сме сите родени во зима и веројатно затоа сите толку ја сакаме и ја доживуваме како своја зимата, сосе сите придружни работи, кои понекогаш зимата ја прават и непријатна. Домот ни светка во различни бои!

Дали ја негувате традицијата на подарување?

– Традицијата на подарување е неизбежна во нашиот дом. Сè уште под елката подароците ни ги остава Дедо Мраз и ние сè уште сакаме да веруваме дека тој, каков таков, постои. Е, сега, дали е баш од Лапонија или од Македонија, не знам, ама со сигурност знаеме дека влегува преку тераса – сме му ги виделе стапалките! А во Дедо Мраз не веруваат само неумните деца, бидејќи нив не им носи подароци, па затоа нивните родители мораат да бидат Дедо Мраз.

Со каква мисла влеговте во новата 2019 година?

– Во новата година влегов со најубави мисли и си зададов големи предизвици! Верувам, цврсто верувам дека ќе успеам да ги остварам, како што верувам дека ќе бидам најсреќната баба на планетава кога ќе се роди моето прво внуче!

По што ќе ја паметите 2018 година?

– 2018 беше напорна, тензична, но сепак за мене убава година. Година на големи промени на личен, на професионален, а особено на духовен план. Сфатив колку е важно во еден мрачен, рамнодушен и сив свет, да умееш да ја вклучиш твојата „светлост“ и да светиш без оглед на тоа, дали некому твојата светлост му оди право во очите.

Што си посакавте во новата година?

– Посакав да се роди здраво право моето внуче, посакав Лора и Филип успешно да го положат тестот на родителството, посакав да ги разрешам и заокружам некои мои одамна започнати професионални цели, посакав љубов за сите, посакав мајка ми Блага да е уште многу нови години покрај мене бидејќи е мојата најголема потпора, посакав сите болни да оздрават, како што и посакав да оздрави и оваа наша напатена земја, која веќе подолго време се лекува од некои непознати болести..

Што за вас и за вашето семејство значи Божик?

– Божик е за нас посебен ден. Ден кога на свет ја донесов Матеа. Обично нејзиното раѓање е кај нас поважно од раѓањето на дедо Боже и таа ја има привилегијата да биде најглавна тој ден. На Божик, како и на сите празници, многу ни недостигаат драгите луѓе што прерано не напуштија, но ние солзите ги заменивме со насмевки и со песна, така што кај нас на Божик се пее, се игра, а богами и многу се смее. Неодоливото заразно смеење на божиќното дете Матеа секогаш ме потсетува колку е убав животот. За Бадник ќе сме дома. Традиционално!

Лејла Сабит   Ф ото: Приватна архива