На ВМРО-ДПМНЕ ѝ истече времето

Ерол Ризаов

Кога Христијан Мицкоски, сѐ уште в.д. лидер на ВМРО-ДПМНЕ, в сабота ќе се искачува на бината да одржи говор на митинг пред Владата за спасување на уставното име на државата, ќе треба да има на ум дека најмалку стопати повеќе граѓани на Македонија тој ден имаат поважна работа отколку да ги слушаат огнените говори на компромитираната партија, чиј врв 11 години владееше со Македонија без контрола и кој не оствари ниту една стратегиска цел на граѓаните. Тоа ќе биде срамен собир организиран од директни учесници во најголемиот грабеж во историјата на државата. Во првите редови ќе бидат нивните соучесници и поддржувачи на злосторничките здруженија и на криминалот чии носители секој ден седат на обвинителната клупа во судот.

Чистењето на подрумот од веќе ислужени стари работи, или корнењето на плевелот и троскотот во градината и во дворот, прошетката во природа со децата и со внуците е илјада пати подобра работа, здравствено и општествено покорисна отколку да се гледа и присуствува на пропагандниот журнал на вмровскиот агитпроп за спасување од заслужена казна на обвинетите за криминал и тешки злодела, кои очајнички бараат начин да ја попречат правдата. Тие не ја спасуваат ни Македонија, ни уставното име. Ниту, пак, имаат таква намера. Цело време се борат само да се спасат себеси. Митингот на ВМРО-ДПМНЕ нема да биде ништо друго туку уште еден неуспешен обид за реинкарнација на покојникот.

Има уште луѓе во Македонија кои веруваат во духови и сѐ уште не можат да видат дека ВМРО-ДПМНЕ е прегазена работа, и од времето и од огромното мнозинство граѓани. Времето на ВМРО-ДПМНЕ истече по една деценија на ерата на груевизмот, кога Македонија се врати со децении назад, а по некои релевантни истражувања по 74 години парламентарна држава и многу успеси и падови во овие 11 години на владеење на Никола Груевски се направени најголемите грешки и злодела во независна Македонија.

Наследникот на Никола Груевски, Христијан Мицкоски, ја имаше шансата да го оживее одамна истрошениот историски модел, кој политиката и политичарите во сите изминати 74 години од стекнувањето држава го претворија во мит, но, сепак, внимавајќи да остане само во колективното памтење и во историските читанки и во литературата и публицистиката. Никако во практиката со управување на државата. Во независна Македонија тие што сами се прогласија за наследници на историската ВМРО, револуционерната организацијата ја сместија во уште потесни партиски рамки и од неа направија само платформа за грабеж. Ништо друго.

Разумен човек ќе рече чуму по 11 години власт толкаво брзање пак да се владее. Чуму памфлети по поштенските сандачиња и повикување на востание за одбрана на татковината баш во време кога Македонија е соочена со историска можност да стане дел од Европа и западната цивилизација, да влезе во сојуз со двата најголеми и најдемократски светски економски, политички и воени сојузи и да стане членка на ЕУ и на НАТО, каде што припаѓа и географски и политички и културно. Наместо да се придружи кон овие историски цели и да го исчисти пирејот во партијата ВМРО-ДПМНЕ ги повикува граѓаните да ја уништат најголемата шанса за одлепување на Македонија од балканштината и примитивизмот.

ВМРО-ДПМНЕ не успеа ниту се обиде да успее за време на своето 11-годишно владеење да ја приближи Македонија кон Европа и кон НАТО. Напротив, со својата ригидна политика кон европските вредности ја уназади Македонија враќајќи ја во измислено виртуелно пославно минато, а патем бездушно ограбувајќи ја со изградба на скапа фалшива и кич античка некропола, претворајќи го Скопје со лажна фасада во непрепознатлив град, како војник ранет во главата целата обвиткана со завои од кои не му се гледа ни лицето, ни очите.

По последните предвремени парламентарни избори и особено по локалните избори, граѓаните на Македонија се ослободија целосно од стравот од режимот и од деспотските власти. Урната е страховладата, ослободени се заробената држава, судството, медиумите и институциите на системот. Тоа го виде светот и затоа е пружена најголемата историска шанса за спасување на Македонија од делби и исчезнување и нејзино приклучување кон прогресивниот и демократски светски општествен поредок.

Заблудите на ВМРО-ДПМНЕ и на Христијан Мицкоски доаѓаат од фактот што жестината на критиките упатени кон премиерот Зоран Заев и новата власт и од медиумите и од јавните личности се со цел промените и реформите да одат со побрзо темпо, а не да се врати ВМРО ДПМНЕ на власт. Граѓаните го дадоа својот глас за промена на власта за да се најдат пред лицето на правдата тие што ги направија злоделата, да се заврши неизвесноста за европската иднина на Македонија, да се стане сојузник со ЕУ и со НАТО, да се подобри животот на граѓаните, да се исчисти државата од ѓубрето, да се изгради тоа што сега го бара ВМРО-ДПМНЕ, а не успеа да го направи цели 11 години. Оправданите критики за грешките на владата не значат изедначување со ерата на груевизмот и една година со 11 години тиранија. Критиките ќе продолжат и натаму со уште поголема жестина, тие се темел на секоја демократска држава. Владите и политичките лидери со самодоверба и со јасна цел ќе знаат од тоа да извлечат полза.

Ерата на груевизмот и на ВМРО-ДПМНЕ заврши. Тоа ќе биде ептен видливо на митингот дури и за тие кои за таа вест уште не слушнале. Слободата и демократијата не одат заедно со политички партии кои со својата идеологија сѐ уште во 19 век со влијание на политичари чиј лажен патриотизам и чесност се мери во судовите и во законските одредби со повеќе години затворски казни. Македонија ги усвои мерилата за владеење на правото и за демократијата. Во тие аршини нема место за ваква ВМРО-ДПМНЕ и нејзините политички и криминални сателити и партнери. Митингот на ВМРО-ДПМНЕ е промашена анахрона работа за храбрење на она што остана од партијата и за лажна надеж за спасување на обвинетите расчинети деспоти.