Наместо калориметри потребни се блесиметри

Ерол Ризаов

Со денови следам како по медиумите се тркала новата сомнителна сторија која ги понижува и навредува граѓаните на Македонија. Прво донесоа некаков си предлог-закон во кој се наложува инсталација на илјадници калориметри кои треба да ја мерат топлината и студенилото на секое семејство кое има парно греење. Откако се откри озаконет арач од 200 до 300, па и повеќе евра, и се узна подготовката да се завлече раката длабоко во џебовите на најсиромашното население во Европа ги вклучија тревогите во противпожарното одделение за брзи интервенции во Владата.

Излезе првиот пожарникар и вели, чекајте, нѐ брзајте во законот така пишува, ама ние ќе ставиме подзаконски акти и готово нема да се плаќаат калориметрите. Кога се виде дека и тоа не ги грее срцата на граѓаните, излегоа со соопштение дека предлогот на законот воопшто не предвидува таква работа за старите потрошувачи, а во новите згради ќе има вградени калориметри ептен бадијала. Ем волкот сит, ем сите овци на број.

Откако владата си го поплука законот, би било добро и ние онака колективно и сочно јавно да им се плукнеме на предлог-законот и да ги прашаме – со калориметри ли ќе ја избербатите работата за која 11 години се водеа тешки борби во кои страдаа многу луѓе. Со калориметри ли ќе ги амнестирате сите што деновиве одат по судови обвинети за криминал. Веднаш треба да се набават блесиметри да им се измери умот на оние што смислиле од осиромашениот народ уште да доисцедат што останало од претходниците, да исцицаат паразитите сѐ до последна капка. Треба под итно да се изнесат на виделина нарачателите и лобистите на тој обид за масовна измама на населението, за другпат да не ни помислат на такви акции од типот трипати да се купуваат фискални каси. Се сеќавате ли?

Овој случај отвора едно многу поболно и поважно прашање кое малку се виде, ама остана незабележливо. Првиот пожарникар во Владата, Кочо Анѓушев, јавно кажа на телевизија „24 вести“ дека ужасно голема грешка е што се приватизираа дистрибутивните мрежи во државата. Истото го мислам и пишувам со години. Е па, господа од владата, испитајте ја можноста сопственоста на сите големи и значајни, некогаш државни дистрибуции, кои се продадени под многу сомнителни и криминални околности, да се вратат во сопственост на државата. Ако треба тоа да се плати, нека се плати, за тоа никој нема да ви замери. Напротив, има силни аргументи да се вратат во сопственост на граѓаните. Еве и зошто. Граѓаните на Македонија се вистинските акционери и сопственици на голем дел од дистрибутивната мрежа на електрична и на топлинска енергија и на телекомуникациите. Тие со свои пари и самопридонеси платија стотици милиони долари за изградба на дистрибутивните мрежи, и за електрична, и за топлинска енергија, и за статичната, и мобилната телефонија, и за водовод и канализација.

При купување стан, изградба на куќа, или при барање на телефонски и електричен приклучок, при приклучување на централното греење и системите за водовод и канализација, при која било изградба на станбени и деловни објекти со плаќање високи цени на комуналии, многу повисоки од реалните, граѓаните на Македонија учествуваа во изградба на тие системи кои станаа приватни златни кокошки. Криминогените власти на транзицијата, и едните и другите, и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, го раскрчмија тој народен имот како алибегова слама, ги продадоа златните кокошки многу под реалната цена, што укажува на криминал и корупција.

Проверете колку трафостаници се изградени и платени кеш со пари на граѓаните, колку патишта се изградени со заем од вработените кој никогаш не е вратен, проверете колку луѓе добиле телефон по баснословна цена од 1.000 марки, во денешна противвредност над 2.000 евра, проверете колку луѓе платиле комуналии и дополнителна цена за станови со централно греење и да не редам уште колку разбојништва се правени врз населението на Македонија. Направете го тоа час поскоро оти некој може да дојде на идеја да ја продаде и водоводната и канализационата мрежа, и патиштата и езерата, иако половина Македонија нема здрава вода за пиење, за жив срам.

Затоа, уште денес господнине Анѓушев фрлете го законот во кош. Кажете гласно пу, пу, не важи. Соопштете ѝ ги на јавноста лобистите за оваа зделка. Направете закон со целосна заштита на граѓаните. Тој што сѐ уште има монополска позиција треба да плати данок на екстра профит поради привилегирана положба на пазарот. Тие што собираат секој месец пари за греење, и лете и зиме, што го имаат и сатарот и кантарот, треба задолжително да ги купат и монтираат калориметрите под инспекциски надзор да не баждарат крадешкум во своја корист. Секој дом што плаќа парно не смее да има температура под 21 степен. Ако е помалку, треба дистрибутерот да им плати голема отштета на граѓаните поради измачување… итн… добро се знае како државата треба да ги заштити своите граѓани од алчни монополисти и митомани. Овој пат дури имате многу посилен мотив тоа да го направите бидејќи преземавте обврска да го заштитите главниот град и цела Македонија од загадување. Субвенционирајте од екстра профитот на монополите што ќе им го наплатите во евтино топлинско греење на гас, а не да го глобите сиромашниот народ.

Што се однесува до враќање во сопственост на државата на дистрибутивните мрежи, тоа би била историска одлука која треба сериозно да се анализира заедно со можноста да бидат акционерски друштва во кои граѓаните ќе имаат свој удел. Со тоа ќе биде исправена една голема неправда нанесена од сите претходни власти.