Морбилите се шират оти има невакцинирани деца

Шестмесечно бебе и 40-годишен маж се двата нови случаи на морбили (мали сипаници). Бебето не е вакцинирано бидејќи уште е мало, а мажот примил само една доза од вакцината против морбили, соопшти вчера Министерството за здравство.

Морбилите три месеци „хараат“ низ соседна Србија, каде што има и смртни случаи. Од друга страна, со почетокот на второто полугодие се зголемува можноста за ширење на малите сипаници и меѓу учениците во училиштата.

Д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје вели дека за да се заштити населението е потребен опфат на вакцинација над 95 отсто, како што препорачува Светската здравствена организација. Во 2016 година, последната за која има податоци, опфатот за оваа вакцина (ММР) бил 82 отсто. Таа е една од вакцините што родителите често одбиваат да им ја стават на децата.

– Има простор за страв од ширење на малите сипаници оти имаме невакцинирани деца. Морбилите не се елиминирани, вирусот го има на нашата територија. Потребна е вакцинација, и тоа со две дози. Едната се става со навршени 12 месеци, а втората на шест години, кога децата тргнуваат во училиште. Луѓето што примиле две дози од вакцината се целосно заштитени. Тие со една доза имаат прилично добра заштита, но во услови на епидемија можат да заболат – изјави Кузмановска.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат испратил решенија до сите средни и основни училишта за преземање мерки за темелно чистење и за дезинфекција на училишните простории, обезбедување средства за лична хигиена (течен сапун), како и редовно следење на отсутноста на децата од настава.

Лани имавме ограничена епидемија на Кванташка депонија во Скопје. Заболеа 11 деца на возраст од 11 месеци до 11 години.

Кај децата под 12 месеци и кај возрасните со послаб имунитет, морбилите можат да предизвикаат сериозни компликации и дури да завршат фатално. Особено се заразни четири денови пред да се појави исипот и четири дена откако ќе се појави.

Вирусот се шири преку директен контакт и по воздух, преку кашлица и кивање. Се сметаат за лесно пренослив, меѓу другото, и затоа што вирусот останува активен и заразен на инфицираните површини до два часа. Проблемот е и во тоа што заразениот од сипаници може да заразува други лица десетина дена пред да знае дека ги има, т.е. пред да добие исип. Можат да предизвикаат воспаление на белите дробови, пневмонија, бактериски инфекции, па дури и воспаление на мозокот. Првите знаци на инфекција се висока температура и симптоми на настинка. Потоа се појавува исип, прво на лицето и на вратот, а потоа по телото.

Во Србија морбилите се појавија во октомври минатата година. Оттогаш досега има 1.255 случаи. Три од нив се со смртен исход. Последната е родилка на 21 година, која пред неколку дена починала од компликации предизвикани од малите сипаници. Тамошниот Институт за јавно здравје објави дека вкупно 90 отсто од болните не се вакцинирани, не примиле ревакцина или не е познато дали се вакцинирани. Дури 65 лица од вкупно заболените добиле пневмонија. Епидемија има и на Косово.

С.С.З.