Могерини: Се вративте назад на добрата патека


Ја носам добрата вест дека ЕК препорача почеток на преговорите за членство. Се вративте назад на добрата патека. Можете да славите и потоа да се вратите на работа,изјави високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини на заедничката прес конференција во Владата со премиерот Зоран Заев.

Могерини истакна дека постигнувањето е заеднички успех на Владата, Парламентот, опозицијата и сите граѓани на Македонија.

– Овој резултат е заеднички на Владата и опозицијата и тие заедно треба да ги продолжат и следните чекори и да ја преземат одговорноста за тоа, порача Могерини.

Премиерот Заев искажа благодарност до Могерини во името на граѓаните на Македонија.

– За десет месеци направивме голем чекор во евроинтеграцискиот процес, а ЕУ тоа го забележа и вреднува, рече Заев.

Истакна дека по спроведените реформи, Договорот за добрососедство со Бугарија, на добар пат сме да го решиме и отвореното прашање со Грција. Побара од ЕУ да остане фокусирана на Македонија и најави дека Владата продолжува со потребните реформи. Очекува датум за почеток на преговорите во јуни годинава. Нагласи дека интеграцијата во ЕУ и НАТО е врвен и стратешки интерес на Македонија.