МНТ стана членка на Асоцијацијата на балкански национални театри
Македонскиот народен театар и националните театри од Бугарија, Албанија, Косово, Словенија и Романија основаа Асоцијација на балканските национални театри (АБНТ). Нивни претставници во Софија потпишаа Меморандум за соработка, која подразбира здружување на театрите и размена на искуства.
Како што соопшти МНТ, целта е споделување нови и функционални креативни идеи и практики во работата на националните театри кои го претставуваат националниот и регионалниот идентитет на земјите на Балканот.
Иницијатор за формирањето на АБНТ е Мариус Донкин, директор на бугарскиот национален театар „Иван Вазов“ од Софија, кој во 2020 треба да биде и домаќин на првиот форум. Во планот на АБНТ е форумите да се одржуваат на секои две години во балканските национални театри.
На Асоцијацијата ќе и се придружат и театрите од Турција, Србија и Грција. Нивни претставници не присуствувале на основањето на АБНТ во Софија, но овој месец ќе го потпишат на меморандумот.
Претставник од МНТ на потпишувањето на Меморандумот беше режисерката Нина Николиќ која верува во потенцијалот на иницијативата.
– Докажани сме дека работиме како професионалци и имаме огромна публика – сето тоа ни дава верба дека оваа иницијатива има огромен потенцијал. Ќе ми биде драго да ги видиме тука и националните театри на Хрватска, Црна Гора и Босна и Херцеговина, изјави Николиќ.
Според иницијаторот Мариус Донкин, Асоцијацијата е најдиректен и најефикасен начин на комуникација, креативен живот и соработка.
– Ова е еден од начините на кои нашите народи ќе живеат подобро. Да се надеваме дека она што го создаваме сега има долг живот и значење за сите. Верувам дека ќе бидеме достојни за развојот на активна духовна и културна активност. Во периодот помеѓу театарските форуми ќе организираме работилници за драматурзи, сценографи, ќе разменуваме автори, претстави и актери, истакнал иницијаторот и директор на софискиот театар „Иван Вазов“.