МНР изрази жалење за случувањето на вчерашната прес-конференција

Министерството за надворешни работи изрази жалење што за време на последната прес-конференција на министерот Никола Димитров и медијаторот Метју Нимиц, некој од вработените во службата за односи со јавност постапил несоодветно во одредување на редоследот за поставување прашања и предизвикал новинар да се чувствува непријатно при вршењето на своите задачи.

– Вработените во службата за односи со јавност се задолжени за водење на прес-конференциите, што понекогаш подразбира адекватно одредување приоритет на редоследот на прашањата согласно праксата на МНР. Жалиме доколку тоа понекогаш предизвикува непријатности за домашните редакции, а особено се извинуваме што за време на последната прес-конференција, некој од вработените во службата за односи со јавност постапил несоодветно и предизвикал новинар да се чувствува непријатно при вршењето на своите задачи, се вели во соопштението од МНР.

Тоа, додаваат оттаму, „не е наша намера, напротив, сакаме новинарите да го чувствуваат МНР како институција – партнер, која ги обезбедува најсоодветните услови за нивна работа“.

– Во конкретниот случај, новинарот од редакцијата постави прашање на кое што му беше одговорено, при тоа, земајќи збор на новинар од странски медиум кој што веќе поставуваше прашање, што во секој случај не е оправдување за нашата грешка, посочуваат од МНР.

Според МНР, понекогаш околностите се такви што на прес-конференциите, особено кога има меѓународни претставници каде нивната агенда го ограничува времето на настанот, објективно нема можност да обезбедат простор сите прашања да се постават на лице место. Во такви случаи, велат, праксата налага балансиран пристап меѓу меѓународните и домашните медиуми, имајќи предвид дека тие ја имаат само таа можност за прашање, а за домашните медиуми сме МНР е достапно во секое време.

Истакнуваат и дека уште во текот на истиот ден, кабинетот на министерот за надворешни работи се обратил до главниот и одговорен уредник на редакцијата, при што било пренесено извинување во име на Министерството.

– Владата на Република Македонија и МНР постојано инсистираат на фер, транспарентен и партнерски однос со медиумите. Континуирано работиме на тоа да ги унапредуваме односите со новинарите и со јавноста и искуствата покажуваат дека за кусо време сме успеале да создадеме атмосфера на доверба, отвореност и пријатна работна атмосфера за новинарите во МНР, велат од Министерството.

По првичните сознанија од вчерашната прес-конференција од МНР ја разгледуваат можноста да го ревидираат системот на давање збор на прес-конференциите, во насока на овозможување поефикасно искористување на времето посветено за прашања.

– Во комуникација сме со редакцијата како и релевантните новинарски здруженија, со кои работиме на тоа да овозможиме уште подобра работна атмосфера, се вели во соопштението.

Тоа, наведуваат од МНР, е процес во кој сите предлози се добредојдени и бараат професионализам и посветеност од сите засегнати страни.

– Ние остануваме посветени на принципите на партнерство и отвореност со медиумите, стои во соопштението од МНР.