ММФ: Можна е глобална економска бура

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард предупреди дека постои опасност од „економска бура“ во светот, од причини што растот на глобалната економија е помал од очекувањата.

– Проблемот е во тоа што гледаме дека економијата расте многу побавно отколку што очекувавме, изјави Лагард.

ММФ минатиот месец ја намали прогнозата за растот на глобалната економија од претходно предвидените 3,7 на 3,5 отсто.

Според Лагард, постојат „четири облаци“, кои се главни фактори што придонесуваат за успорување на растот на глобалната економија и кои можат да доведат до „економска бура“.

– Меѓу причините се трговските тензии и воведувањето санкции, финансиските проблеми, неизвесноста околу Брегзитот и забавувањето на кинеската економија, изјави Лагард.

Трговските тензии, главно предизвикани од царинскиот спор меѓу Кина и САД, според Лагард, веќе имаат глобално влијание.

Лагард потенцира дека дополнителни ризици претставуваат и се поголемите трошоци за кредитирање на владите, компаниите и домаќинствата.

– Кога има премногу облаци, потребен е само еден удар на гром за да започне бура, заклучи Лагард.