Мицкоски ќе го праша народот

 Ерол Ризаов

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ,  бил презафатен и работел наголемо  на  размена на мислења во врска со референдумот. Како народна партија силата ја црпеле од народот, па така во преостанатите денови на неговата медитација проткаена со напорно ангажирање ќе го искристализира ставот на партијата во зависност од тоа што ќе му каже народот. На 10 септември, вели, по консултациите ќе го соопшти својот став кој сигурно нема да биде никакво изненадување бидејќи сите го знаат: Ние сме за ЕУ и за НАТО ама ќе почекаме подобри времиња, уште  некоја деценија додека не направиме подобар  договор со Грците. Подобро никаков отколку лош договор. Прекрасно кажано, без никакви изгледи ова генијално откритие да се смени до 10 септември и кај  Мицкоски и кај неговиот народ.

Премиерот Зоран Заев со својот тим  ја подготвува наголемо кампањата за иднината на „наша“ Македонија, за да не биде „небиднина.“ Сè уште траат  размислите колку пари треба да се потрошат за да дознае наша Македонија во која насока да тргне, напред, назад, или никаде. Не знам дали Заев и партнерите  повеќе размислуваат колку е цената на иднината или како луѓето да се уверат со факти и докази во иднината која нема цена. Очигледно дека нема да бидат доволни ветувањата и аргументите на голем број јавни личности од светот кои ги предупредуваат граѓаните и политичарите во Македонија да не ја испуштат  последната шанса. Треба нешто поопипливо, поконкретно кое ќе го препознаат граѓаните.

Али Ахмети го повикува „својот“ народ масовно да излезе и да гласа на референдумот за членство во ЕУ и во НАТО… и така со ред сите загрижени за  судбината на Македонија ги прашуваат своите народи на кутра Македонија што да прават, а пред тоа, пред што било да ги прашаат, за секој случај им кажуваат однапред, за да нема никакви забуни  што тие треба да прават. Од она што сме го виделе и чуле во изминатите три-четири децении на македонската политичка сцена без никаков ризик да се згреши може слободно да се каже дека ако некој каже дека ќе го праша народот што да прави и каква одлука да донесе, лаже, суши. Бидете сигурни дека штом политичарите го спомнат зборот народ, лажат.  На такви лаги во изминатите 27 години независност се изнаслушавме особено пред избори, или пред кое било изјаснување на граѓаните.

Еве, на пример, каква спектакуларна одлука може да донесе Мицкоски по консултацијата со народот кога тврди на ТВ Алсат дека ако не е заштитен институционалниот идентитет, тогаш не е спасен ни националниот идентитет. Тоа значи дека понудата  на НАТО и на ЕУ не важи. За да нема дилеми и сомнежи  што ќе смисли Мицкоски  до 10 септември, вели дека подобро е да нема никаков договор отколку да има лош договор. И ако околу ова има неразбирање, за секој случај Мицкоски упатува на бојкот, додуша без да го спомне тој збор, но со јасна порака   кога вели дека очекува прилично стерилна тросмислена кампања што ќе го пренасочи фокусот на граѓаните на погрешна страна, па луѓето практично збунети ќе останат дома на 30 септември да плетат чорапи за зимата, која може годинава да биде сибирска.

Како утеха, Мицкоски вели дека сè уште сите опции се отворени, а всушност, се ептен затворени бидејќи ставот на ВМРО-ДПМНЕ веќе е кристално јасен. Преку одбрана на институционалниот идентитет ќе се брани националниот. Оваа новокомпонирана  папазјанија преведена на разбирлив  јазик  значи дека не е Македонија суштинското име, туку  географската додавка северна, не е суштината да се биде Македонец, а јазикот македонски, а уште помалку македонското државјанство, туку дали Армијата на Македонија ќе се вика Армија на северна Македонија, дали МАНУ ќе биде македонска академија, или Академија на северна Македонија, дали државните институции, финансирани од државата, ќе бидат македонски, или на северна Македонија….  Успокој се Мицкоски, сите државни  институции ќе си останат македонски додека има Македонци, за тоа нема потреба од консултации  со народот. Доказот за ова тврдење  ќе го најдете во одговорот на едно кратко и просто прашање кое треба сите да си го поставиме и да одговориме: Дали државните институции се нарекуваат по името на  народот и на државата,  или народот се именува според институциите и страните на светот?