Министерство за култура: Конкурсот за откуп на класични композиции ќе биде повторен
Министерството за култура соопшти дека Конкурсот за откуп на класични композиции за 2017 година, што лани во април беше објавен во дневниот печат, се поништува поради административни пропусти во неговото спроведување и дека ќе биде повторен, а право на учество ќе имаат и апликантите од поништениот конкурс.
Соопштението од Министерството за култура е одговор на денешната реакција на Сојузот на композиторите на Македонија-СОКОМ, кој побара да се почитуваат резултатите од конкурсот за откуп што биле објавени на 18 јануари и истиот ден повлечени од веб-страницата на Министерството.
– Конкурсот траел до 31 октомври 2017 година. Во точка 10 стои дека по Конкурсот ќе се одлучува во рок од 45 дена, а за Конкурсот решение ќе се донесе во согласност со Законот за културата. Резултатите од Конкурсот за секоја одделна категорија ќе бидат објавени до крајот на декември 2017 година. Во Конкурсот стои дека пријавите се доставуваат под шифри за да не се открие идентитетот на авторите до извршениот избор на најдобри композиции, соопшти Министерството.
Појаснува и дека согласно Законот за култура, министерот одлучува по Конкурсот на предлог на Комисијата, со донесување решенија, а резултатите потоа се објавуваат на веб-страницата на Министерството. Комисијата за разгледување на пријавите од Конкурсот ги разгледала пријавите и изработила записник во кој ги сумирала резултатите од направената евалуација на доставените пријави. На 18 јануари по доставена предлог-листа на резултати од страна на комисијата, тие се објавени на веб-страницата на Министерството за култура.
– Објавените резултати на веб-страницата се, всушност, предлози на комисијата а не финални резултати, бидејќи за нив министерот за култура не донел решенија. По увидениот пропуст, објавата беше тргната од веб-страницата на Министерството. Следствено на тоа, објавената информација не претставува објавување резултати од Конкурсот според законските прописи и затоа таа треба да се смета за неважечка, соопшти Министерството.
Најави и дека ќе поведе соодветни дисциплински постапки за службите задолжени за спроведување на конкурсот, со цел да се утврди одговорноста за направените пропусти, и дека за распишувањето на повторениот конкурс јавноста ќе биде навреме известена.