Министерот за култура вети: Есма Реџепова ќе добие булевар во Скопје


Кралицата на ромската песна, скопјанката Есма Реџепова-Теодосиевска, наскоро во Скопје ќе добие булевар кој ќе го носи нејзиното име.

По тој повод вчера во Министерството за култура кај министерот Роберт Алаѓозовски беа примени претседателката на хуманитарното здружение „Есма и Стево Теодисевски“, Зорана Костовска, и долгогодишната активистка Мирјана Марковска.

„Министерот вети дека преименувањето на еден од скопските булевари со името на нашата музичка кралица ќе оди релативно брзо, но сепак дека мора да влезе во законска процедура. Сите ние сме стрпливи, а најважно од сѐ е тоа дека Скопје, како наш главен град, заслужува да има и ќе има булевар со нејзиното име. Впрочем, насекаде низ светот познато е дека улиците и булеварите се именуваат по имињата на познати пејачи, уметници, спортисти, новинари, глумци“, објаснува Костовска.

Есма почина во Скопје во декември во 2016 година, по кратко и тешко боледување на 73-годишна возраст. Ќе ја паметиме како естраден уметник за кој пишуваа и светски престижни весници како „Ле Монд“ и „Њујорк тајмс“, како хуманист и чувар на ромската и на македонската песна, активист, пријател и жена. Во 2013 година ја доби и престижната титула национален уметник на Република Македонија. Во текот на 55-годишната кариера одржа над 12 илјади концерти ширум светот, сними 15 албуми и посвои 48 деца.

На државата ѝ го остави пред сѐ музејот, односно Домот на хуманоста и уметноста „Стево и Есма Теодосиевски“, кој се наоѓа на улицата „Самоилова“ на Скопското кале. Музејот, во чиј резиденцијален дел живееше Есма, имаше 750 квадратни метри, а дворно место околу 1.300 квадратни метри. Почна да се гради во 1993 година и сѐ уште во мали делови не е довршен. Во Музејот се изложени предметите што со сопругот Стево Теодосиевски ги добивала откако се вратила во Скопје и тие што се донесени од животот и кариерата во Белград.