Милош Земан положи заклетва за втор мандат на функцијата чешки претседател
Чешкиот претседател Милош Земан денеска положи заклетва за неговиот втор мандат на функцијата, на свечена церемонија што се одржи во Прашкиот дворец.
Земан, кој е прв чешки претседател избран на дирекни избори, на функцијата беше реизбран на 27 јануари со освоени 51,36 проценти од гласовите.
Во обраќањето на денешната церемонија, Земан упати критики кон „некои новинари“, кои според него, се обидуваат „да манипулираат со јавното мислење и секојдневно делат лекции за однесување“.
– Новинар кој заработува пари на таков начин не треба да ја има нашата почит, ниту да биде сфаќан сериозно, изјави Земан.
Цел на критиките на Земан беа државната Чешка телевизија, како и весникот „Хосподарске новини“, неделникот „Респект“ и порталот „Актуелне.цз“, чиј сопственик е бизнисменот Зденек Бакала.
За време на обраќањето на 73-годишниот Земан, во знак на протест салата ја напуштија голем број пратеници и претставници на десничарските и центристичките партии, меѓу кои и поранешниот чешки министер за надворешни работи Карел Шварценберг.
– Ја напуштам салата. Жално е што Милош Земан не може да се воздржи од напади врз неистомислениците, објави на Твитер лидерот на конзервативната партија ТОП 09, европратеникот Јиржи Поспешил.
Земан е познат по своите евроскептични и проруски ставови, а главни теми во неговата предизборна кампања беа ширењето страв од мигрантите и противењето на одлуката на Брисел за прераспределба на мигрантите меѓу земјите членки на ЕУ според утврдени квоти.
Согласно чешкиот Устав, Земан нема право на уште еден мандат на претседателската функција по истекот на сегашниот.