Мики и Светлана Црнокрак: Секој ден ни е 8 Март
Мики (50) и Светлана (42) Црнокрак, сопственици на модното студио „Црнокрак“, важат за една најстабилните брачни двојки во македонскиот шоу-бизнис. На јавни настани ретко ќе ги видите еден без друг, често и со децата Моника и Нина, кои речиси израснаа на модните писти кај нас. Секогаш дотерани, во топ-форма, професионални и максимално посветени на работата. Не испуштаат ниту еден јавен настан, заслужни се за обучувањето врвни манекенки и за организирањето избори на убавина без кои модната сцена во Македонија не би била иста. За нив нема да слушнете ниту еден скандал, само озборувања. Дискретно си ги чуваат приватниот живот и домот, наспроти работата, која постојано им е под лупа на јавноста.
За Денот на жената, проговорија за љубовта. Тој како џентлмен, таа како дама…
Во што е тајната на вашата љубов?
– Заедно сме 21 години. Една година во врска и 20 години во брак. Онаа страсната љубов трае кратко… Многу побитно е она што подоцна ќе ја одржува врската, а тоа се меѓусебната почит, разбирањето, компромисот, помошта… А тоа ние, како двојка, си го имаме – вели Мики.
Денес е 8 Март. Верувате во љубов или во празници?
– Празниците се традиција, убави се за одбележување, за забава, за дружење со пријателите, за подарување… Така треба да се одбележи и 8 Март. Да се покаже почит кон жените, без разлика дали се тоа сопруги, мајки, сестри, другарки… Нас ни е секој ден 8 Март. Секој ден славиме љубов, почит и внимание – вели Црнокрак.
Како ќе го прославите денешниот ден? Имате ли свои ритуали? Си подарувате ли нешто?
– Секој ден треба да се негува љубовта. Но има магија и кога се даваат и кога се примаат подароци, тоа значи дека мислите и внимавате еден на друг… Денес имам изненадување за Цеце, ама нема да го поделам со вашите читатели – на шега додава Мики.
Ги делите ли дома обврските на машки и на женски?
– Не ги делиме. Обврските ги завршуваме зависно од тоа кој е слободен и кој има време – објаснува Црнокрак.
Каде и кога, според вас, жената треба да биде жена, а мажот маж?
– Мажот и жената треба да се исто. Но ние сме на Балканот и понекогаш, колку и да сакаме, не можеме да го заобиколиме фактот дека тука односите меѓу мажот и жената се поразлични и поразлично се сфаќаат. Секако, мажот треба да биде џентлмен, независно од земјата и од ситуациите. Тоа е култура на однесување и домашно воспитување. Мислам дека помина времето на мачо-мажи. Па, нели, светот го вртат метросексуалци? – додава Мики.
Лејла Сабит