Мета: Балканот има потреба од заеднички енергетски пазар

Албанскиот претседател Илир Мета, поздравувајќи ги учесниците на Регионалната економска конференција „Иднината на Балканот“, што се одржува во Тирана, изјави дека Балканот има потреба од формирање заеднички енергетски пазар.

Тој посочи дека патот на Албанија кон ЕУ не е издвоен од оној на другите земји од регионот.

– Оваа конференција треба да ги определи заедничките предизвици, да одиме кон стратешки проекти за сите во регионот, како што е и заедничкиот енергетски пазар што е во интерес на сите држави во регионот, рече Мета.

Според него, владите во регионот треба да ги преземаат сите активности во соработка со бизнисот за запирање на масовната миграција на младото население.

– Заминувањето на младите од нашиот регион го намалува потенцијалот за економски развој, оцени Мета.

На конференцијата учествуваат претставници на стопанските комори од државите од Западен Балкан, меѓу кои и од Стопанската комора на Македонија.