Меркел: Европа не треба да се жали, тука на реформи да одговори со реформи
Германската канцеларка Ангела Меркел во своето обраќање на Светскиот економски форум во Давос упати критики кон американскиот претседател Доналд Трамп, но воедно побара од Европската унија да се реформира за да фати чекор со американската економија.
– Европа не треба да се жали дека други држави, како САД, ги реформираат своите даночни системи, туку треба на реформите да одговори со реформи, изјави Меркел во врска со намалувањето на даноците кое го воведе Трамп.
Меркел посочи на заедничката иницијатива на Германија и Франција за хармонизирање на даночните стапките за компаниите.
Како што јави ДПА, критиките кон Трамп Меркел ги упати во делот од својот говор кога рече дека изолационизмот и протекционизмот нема да бидат решение за економските проблеми на светот.
– Уште од времето на Римската Империја и на Големиот Ѕид во Кина знаеме дека изолацијата не помага, изјави Меркел во најдиректната критика што ја упати на сметка на Трамп.
Во надворешната политика, Меркел изјави дека по повлекувањето на Велика Британија од ЕУ, преостанатите држави членки ќе мора да зборуваат со еден глас на светската сцена.
– Треба да преземеме поголема одговорност и да ја земеме судбината во своите раце, порача Меркел.
Во врска со Велика Британија, Меркел му порача на Лондон дека ЕУ не може да прави компромиси со слободата на движење на стоки, капитал, услуги и луѓе во кој било договор што ќе се постигне по Брегзит.