МВР: Годинава заедничка контрола на македонско-српската граница

Годинава ќе профункционира заедничкиот граничен премин меѓу Македонија и Србија. Како ќе се врши заедничката контрола на граничниот премин Табановце-Прешево на патниците и стоките, сè уште не може да се каже, велат од Министерството за внатрешни работи, чиј државен секретар е координатор на мешовита работна група од институциите кои имаат надлежност на граничните премини.

„Постапката за ‘one stop shop’ на преминот Табановце-Прешево е во тек. Донесена е одлука на Владата, а кон крајот на минатата година беа одржани два состанока на мешовитите групи на Македонија и на Србија. Останаа отворени уште неколку прашања што треба да се расчистат во двете држави. Треба да се утврди модалитетот на заедничкиот премин, затоа што во моментов двата премини не функционираат идентично. На пример, на граничниот премин Прешево нема објекти за стоково  царинење и терминал, а  граничниот премин Табановце располага со стоков терминал и административна зграда за фитосанитарна инспекција која работи 24 часа. Треба да се утврди кој модел ќе се избере, што ќе биде прифатлив и за двете страни, така што преговорите сè уште траат“, велат од МВР.

Политичка подготвеност за воспоставување заеднички граничен премин демонстрираа премиерот на Македонија Зоран Заев и претседателот на Србија Александар Вучиќ во септември, лани. Само една контрола и царина е идеја чија реализација треба да го забрза протокот на луѓе и стоки, со што двете земји стануваат поконкурентни. Тогаш беше кажано дека суштината е компаниите да не губат време двапати за иста работа туку на едно место да ги направат сите прегледи, од царински до ветеринарни, што ќе го забрза, но и поевтини транспортот на стоки.

Анализите на Царинската управа покажале дека просечното време на чекање на камионите на граница кога влегуваат во Македонија на Табановце е 115 минути. Просечното време на чекање за автобусите на македонската граница е 64 минути, а за комбиња и автомобили е околу 10 минути.

За службите што функционираат на граничниот премин, заедничката контрола ќе значи штедење на ресурси, а големо е и очекувањето дека зајакнатата соработка меѓу царината, полицијата и инспекциските органи, кои ќе работат на едно место, ќе резултира со поефикасно спречување на нелегалните активности. Со тоа што компаниите нема да можат различно да ги прикажуваат вредностите на стоките, се намалуваат можностите за шверц и измами.

Анита Салтировска