Матурска

Лејла Сабит

Во животот сѐ заборавате, ама неа (ќе) ја паметите.

Скапа или евтина, еуфорична или драматична, смешна или сериозна, (ќе) ви буди спомени од една убава младост.

Матурската е последниот гламурозен чекор пред неизвесната иднина што понатаму со вашиот живот и вашата кариера. И тогаш и сега.

Сега вие како родители на матуранти размислувате: како поевтино да поминете, а да ги остварите желбите на вашите деца?

Големи трошоци и дилеми што да облечам, што да подарам, што да послужам и како изгледам на фотографиите има и ќе има.

Собирањето на семејството, роднините и пријателите е најскапоценото камче од матурскиот мозаик.

Дружба каде што младоста и лудоста се среќаваат со староста и мудроста, радоста со тагата, минатото со иднината.

Дружба каде што не е важно кој си или што си, што си бил или што си постигнал во животот.

Два часа каде што не чувствувате поделба на големи и мали, на победници и губитници, на имотни и сиромашни.

Дружба каде што статусот и богатството се мерат единствено со големината на срцето и на душата, на животните лекции што сте ги научиле по пат или сте ги добиле од семејното наследство.

Сега е ваш ред да ги пренесете на вашите матуранти, да ги научите дека животот се состои од падови и подеми, од грешки и добри одлуки, малку среќа, многу талент и учење и понекоја партиска книшка или учество во шарена револуција.

Младоста бргу лета, затоа уживајте во нејзината лудост!

Ваква треска не ве тресе ниту кога ќе завршите факултет. Тогаш ве мрзи и дипломска забава да организирате.

Една е матурска вечер!