Матични клетки за мултиплекс склероза

Трансплантацијата на матични клетки може да донесе големи позитивни промени за лицата заболени од мултиплекс склероза, покажаа резултатите од меѓународно истражување, пренесе Би-би-си.

Во истражувањето учествувале повеќе од сто пациенти од САД, Велика Британија, Шведска и Бразил.

Процедурата се состои во тоа да се уништи имунолошкиот систем на пациентот со помош на лекови за рак и потоа повторно да се „крене“ со помош на матични клетки. Лекарите укажуваат дека овој третман не им одговара на сите пациенти и дека процесот може да биде тежок, вклучувајќи хемотерапија и неколку недели изолација во болница.

Трансплантацијата со матични клетки кај болните од мултиплекс склероза наскоро ќе биде призната како востановен третман во Велика Британија.
Во Европа, од мултиплекс склероза боледуваат околу 700.000 лица, од кои 75 отсто се жени.