Масовен граѓански протест во Белград на годишнината од убиството на Оливер Ивановиќ


Во Белград организаторите на протестите „Еден од петте милиони-почнато е“ одржаа вечерва нов голем масовен протест, овојпат по повод годишнината од убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива на Косово-„Србија,демократија, правда“-Оливер Ивановиќ.

Колоната од повеќе десетици илјади граѓани беше повторно долга речиси еден километар и се движеше по веќе познатата маршута низ централните белградски улици  до Плоштадот Славија.

Граѓаните овојпат на почеток на протестната колона го носеа транспарентот со зборовите на Оливер Ивановиќ-„Ние сме сепак повеќе“, а протестното шетање, кое беше меморијално се одвиваше во тишина, без пароли и свирежи, а беа пуштани само тонски записи со изјавите на Ивановиќ.

На протестот се обрати актерот Бранислав Трифуновиќ кој кажа: – Ако не дејствуваш, тогаш гледај го насилството – во атмосферата на страв не се живее. Граѓаните се заплашени и јас ги разбирам, но никој нема право да ја загрози иднината на другите со нивниот страв, разбудете се -ние сме сепак повеќе.”

„Оливер Ивановиќ, беше човек кој размислуваше со главата и кој се бореше за мир и за заедничкиот живот на Србите и Албанците во Косово до крајот на својот живот “, рече актерот Бранислав Трифуновиќ на почетокот на митингот.

На протест беа повеќе лидери на опозицијата – од Сојузот за Србија, на Нова странка, Социјалдемократската странка на Србија и од други политички и граѓански групации. Во меморијалната прошетка, на врвот на колоната беа и членовите од поширокиот круг на семејството на Оливер Ивановиќ, како што претходно и најави неговиот брат Мирослав Ивановиќ.

Меморијалниот протест заврши со палење на свеќи во храмот на Св.Сава.

Пронаоѓањето на убиецот и налогодавачите на убиството на Оливер Ивановиќ во Северна Митровица, е едно од клучните барања на граѓаните кои протестираат на улиците на Белград повеќе од еден месец во Белград, но и во Ниш, Нови Сад, Крагуевац и други градови во Србија.

Инаку, вечерашниот протест против власта, се одржува непосредно пред утрешната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Белград, која е означена како „историска посета.“

(Фото: B92)