Маска

ЛЕЈЛА САБИТ

Досега славевме под театарски и карневалски маски и уживавме во козметички маски.

Сакавме да дишеме чист воздух, да ги измазниме брчките и да се подмладиме, да имаме главна улога или само да статираме, да политизираме или да исмеваме.

Тука, во Струмица, во Вевчани, во Венеција или во Рио де Жанеиро.

Сега се навикнуваме на живот со маски кои здравје значат, кои не дистанцираат еден од друг, не држат на растојание, кои не маскираат, па не се препознаваме еден со друг. Локално и глобално.

И без маски, досега бевме експерти во преправање, претварање, костимирање, измислување, криење, лажен идентитет, заборавање, глуматање, смеење во лице, а нож во грб, иако со туѓа  маска полесно се живее.

Сите бегаа од она што се.

Сите сакаа да бидат она што не се.

Никој сакаше да биде секој.

Некој сакаше да биде никој.

Ништо да биде сѐ.

Сѐ да биде ништо.

Твоето да биде мое.

Моето да биде само мое.

Тој што има да нема.

Тој што нема да има.

Тој што работи да не работи.

Тој што не работи да работи.

Тој што е познат да биде непознат.

Тој што е непознат да биде познат.

Тој што е експониран да биде анонимен.

Тој што е анонимен, да биде експониран.

Маските се тука да не потсетат дека веќе ништо нема да биде исто, и тука и во светот, дека ништо не е важно, освен здравјето, ама биди мудар и избегни го стресот кога работните места, трошоците, и неизвесноста ви висат над глава.

Комфорот и животните навики ќе ни станат мислена именка, празниците, патувањата, годишните одмори и дружењата ќе не потсетуваат на времиња кога имавме сѐ, а не знаевме да го цениме моментот, просторот и луѓето.

Домот и семејството како никогаш досега, се во центарот на нашите животи, а болеста, сега коронавирусот, пак не потсетува дека богатството е во малите работи, во гестовите на нежност, наклонетоста и сочуството.

Ова е време за споделување, а не за молчење, за комуникација, а не за тишина, за заедница, а не за мали групи, слушањето едни со други е важно затоа што така можеме да ги разбереме потребите, напорите, и желбите на другиот.

Нека силата и разумот и понатаму бидат со нас.