МАР: Измените на Законот за минерални суровини ќе ги затвори рудниците

Измените на Законот за минерални суровини кои се во собраниска процедура и кои треба да се донесат во скратена постапка, ќе предизвикаат затворање на рудниците и блокирање на целата индустрија, реагира Македонската асоцијација на рударство (МАР).

Според МАР, тврдењето, како што стои во Предлог-текстот, дека законските измени нема да имаат финансиски последици, не е точно зашто само од евентуално раскинување на договорите за концесии штетите би достигнале една до три милијарди евра. Од друга страна, рударската индустрија брои 12.600 вработени, а извозот достигнува 180 милиони долари годишно.

– Рударскиот сектор чувствува дека се врши организирано влијание врз него за да работи уште полошо во наредниот период. Предлогот е чуден, а уште почудно е што немаше јавна расправа и измените се туркаат по скратена постапка, изјави денеска на прес-конференција претседателот на МАР Николајчо Николов.

Николов напомена дека МАР бара да се одложи донесувањето на законските измени и Асоцијацијата, заедно со експерти, да учествува на расправата во собраниската Комисија за економски прашања.

Одговорајќи на новинарски прашања, Николов рече дека Предлог-измените ги имаат поднесено група пратеници од СДСМ, но нејасно е кој во суштина стои зад нив.

– Не верувам дека Владата стои зад овој предлог. Разговарав со вицепремиерот за економски прашања. Тој воопшто не знае дека постои ваков предлог, истакна Николов.

И Максим Прохоров од „Саса“ предупреди дека со донесувањето на измените рударството ќе биде доведено пред колапс.

Измените на Законот за минерални суровини предвидуваат забрана за употреба на цијаниди и други „опасни супстанци“, а, како што предочија Николов и Прхоров, сите три рудници за олово и цинк во Македонија, „Тораница“, „Злетово“ и „Саса“ користат цијанид 30 години и притоа никој не е заболен зашто се применуваат, потенцираа, најдобрите технологии во светот