Мартовска филмска програма во Кинотека


Кинотеката на Македонија утре ја почнува мартовската програма која ќе биде отворена во 20 часот со македонскиот документарен филм „Локални херои – светски таленти“ по сценарио на Зоран Димов и режија на Ајдин Ислами.

Документарецот снимен во 2017 вклучува теми и ликови Роми кои се трудат да ги елиминираат стереотипите кон оваа заедница.

Во петок од 18 часот ќе биде прикажан „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски, а истата вечер од 20 часот и со уште една проекција в сабота – руската потресна семејна драма „Без љубов“ на режисерот Андреј Звјагинцев.

На 3-ти и 5 март косовско-македонската копродукција „Доме слатки доме“ на Фатон Бајрактари, на 6-ти и 7 март – српскиот игран филм „Панама“ во режија на Павле Вучковиќ, а на 7 март од 20 часот ќе биде прикажан македонскиот „Џган“ по сценаро и режија на Вардан Тозија.

Од 8-ми до 17 март Кинотеката подготови програма со филмови по повод 8 Март: „Мрачно богатство“, „Викторија“, „Злосторството против нас“, „Непослушни“, „Банат (Патувањето)“, „Некои нови приказни“, „Во Сирија“, „Духовите на Исмаил“ и „Реквием за госпоѓа Ј“.