Марија Божиновска, боди-фитнес шампионка: И со мускули жената може да биде женствена
Марија Божиновска (39), фитнес-инструктор, е убавицата за јуни од годинешниот календар на „Пелистерка“, кој на провокативен начин ги истакнува бенефитите на водата и ја слави убавината на жената. Убавата спортистка со исклучителни резултати навикнати сме да ја гледаме во спортско издание, но на календарот е исто така во спортски елемент, но совршено ги отсликува елеганцијата и убавината на спортот.
Марија ни ги откри тајните на топ-изгледот, но и на врвните резултати во спортот.
Колку години се занимаваш со боди-фитнес?
– Уште од 19 години почнав со редовен тренинг во вежбалница, а на 20 години веќе работев како инструктор во локален фитнес-клуб. Со натпревари на боди-фитнесс почнав во 2013 година и во 2017 станав професионалец во овој спорт.
Настапуваш за клуб или репрезентација?
– Кога почнав да се натпреварувам во 2013 година, ја претставував Шпанија на интернационални натпревари зашто таму живеам. Од 2017 година ја претставувам Македонија на сите интернационални натпревари и исто така фитнес-клубот „Магнус“ од Скопје каде што задолжително тренирам кога сум во градот.
Твоите најголеми резултати?
– Најискрено, во овие 6 години, колку што се натпреварувам, имам постигнато мошне добри резултати. Во 2013 година победив на шпанското првенство во боди-фитнес. Во 2014 година победив во Купот на Шпанија и исто така станав апсолутен шампион на Шпанија (што значи дека не само што победив во мојата категорија, туку во сите категории во боди-фитнес. Истата година настапив првпат на интернационалниот натпревар „Арнолд класик“ во Мадрид и освоив трето место од 30 девојки. Во 2015 освоив првпат златен медал на интернационалниот натпревар „Олимпија аматеур“ во Шпанија. Истата година го освоив вториот златен медал на интернационалниот натпревар „Арнолд класик“ во Мадрид. Таа година освоив сребрен медал на интернационалниот натпревар „Олимпија аматеур Ливерпул“ во Англија. Во 2017 станав македонски шампион во боди-фитнес. Истата година освоив прво место и станав апсолутен шампион на боди-фитнес на интернационалниот натпревар „Дајамонд куп“ во Рим, Италија, каде што исто ја освоив својата професионална карта „ИФББ елит про кард“ и станав професионалец. Лани го имав првиот натпревар на професионално ниво во Милано, Италија, каде што освоив бронзена медал.
Од каде љубовта кон спортот, особено кон боди фитнесот? Што е разликата од фитнесот?
– Од мала многу се грижев за мојот изглед и многу сакав да бидам јака и да имам мускули. Така почнав сама да тренирам. Разликата меѓу фитнес и боди-фитнес е што боди-фитнесот спаѓа под бодибилдинг, каде што со начинот на тренирање и исхрана целта е да се постигне повеќе мускулна маса, а кај фитнесот не. Со фитнес е целта да се постигне само јачина и отпор.
Што беше за тебе пресудно: здравјето, изгледот, резултатите?
– Точно по тој редослед како што ме прашавте. Прво е здравјето. Со тоа што со здрава исхрана и редовен спорт тоа се постигнува. После тоа е изгледот. Сите сакаме да изгледаме убаво, исто така, со помош на исхрана и спортување. Резултатите што ќе се постигнат на натпревар, фала богу, се многу битни, но не и најбитни. За мене е најважно да изгледам на начин како што јас посакувам.
Колку ти се смени животот откако спортуваш?
– Кога се занимаваш професионално со овој спорт, мораш да го смениш животот драстично, зашто тренинзите се напорни и исхраната е многу тешка. Јадеме на секој 3 часа и храната мора да е мерена и подготвена од дома. Тоа значи дека не можеме секогаш да јадеме во ресторани или да пиеме алкохол. Исто така, кога си на строга диета, си многу уморен и не можеш секогаш да се дружиш со пријателите и да излегуваш до доцна навечер, зашто мораш исто така доволно да спиеш.
Која спортска цел сакаш да ја оствариш во животот?
– Досега, најискрено, имам освоено сѐ што сакам. Отсега натаму целта ми е да победам на светското професионално првенство. И за тоа планирам да се борам оваа година.
Те избраа за постерот на „Пелистерка“. Што значи за тебе еден ваков престижен настан?
– Многу ми беше драго и голема гордост што брендот нѐ цени нас жените спортистки зашто не сме многу почитувани во овој спорт.
Кое е твоето хоби и колку те интересира модата?
– Овој спорт е мое хоби, а исто така и работа. Така што задоволна сум што можам да го имам моето хоби како работа. Освен спортот, обожавам да следам мода и шминка. Мислам дека сите жени треба да обрнеме многу внимание на нашиот изглед, не само однатре, туку и однадвор.
Што им советуваш на девојките за топ-форма?
– Мојот совет е секогаш здрава исхрана и спорт.
Колку ја имаш поддршката од семејството?
– Мојот сопруг е тој што ми помогна да почнам да се натпреварувам и да ги постигнам сите резултати што ги имам. Мајка ми и сестра ми секогаш ме подржуваат во сите подготовки и секогаш се обидуваат да бидат со мене на сите натпревари.
Колку време си во Шпанија и како ти поминува времето таму?
– Јас сум израсната во Шведска, каде што уште живее моето семејство, а во Шпанија сум веќе 18 години, се преселив кога имав 21 година. Работам во администрација, а исто така како персонален тренер и инструктор. Моето слободно време го трошам со мојот сопруг Стевен и моите две кучиња. Обожавам животни и уште од многу мала имам израснато со кучиња. Кога сум на подготовки за натпревар, задолжително одиме на долги прошетки со нив, како дел од подготовките кога треба да правам и кардио за да ја намалам тежината.
Лејла Сабит Фото: Ани и Дими