Мантил

Лејла Сабит

Ниту капут ниту џемпер.

Ниту тенко ниту дебело.

Ниту зима ниту лето.

Златна средина во женскиот и машкиот гардеробер.

Краток, долг, тренд или класика.

Анонимен од распродажба или славен од „Барбери“.

Внатре може да го соблечете или да го носите како сако или фустан.

Стегнат со ремен во половината или слободен како балонер.

Со мантилот почитувате правила, ама и ги кршите ако изберете да го носите на голо тело.

Оди со чевли, патики, мокасинки или салонки и сандали на висока потпетица.

На официјални, гала или неформални настани.

Со високи гости, со колеги, со пријателите, домашните или комшиите.

Мантилот значи стил, модна освестеност, но и комоција и растоварување од модните грижи.

Асоцира на дожд, а некои го мешаат со баде-мантил.

Мантилот не е престижен како бунда ниту копиран како чанта на Луј Витон.

Ретко ќе го сретнете на скопските гала настани или на улица „Македонија“.

Го носат исклучителни сограѓани или странци, намерни или случајни минувачи, на неочекувани места и неочекувани дружби.

Мантилот е измислен да ве изненади, да ве замисли, да се запрашате или да се нурнете во модните списанија и книги и да го откриете неговиот шарм.

Се гледаме вечер на Модниот викенд во Универзитетската библиотека!