Малите сипаници од Косово oдат кон Македонија

Расте бројот на заболени од морбили (мали сипаници) во Македонија, покажуваат последните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Епидемијата, која во октомври почна од Косово, продолжи во Србија и во Црна Гора, со што во регионот има околу 5.000 заболени од оваа заразна болест и десетици смртни случаи.

Во последните три месеци кај нас се регистрирани 11 заболени од морбили – четири во јануари и седум во февруари. Осум од заболените лица живеат во Скопје, а по еден во Куманово, Тетово и во Охрид. Заболеното лице, кое е регистрирано во Охрид, било на привремен престој кај роднини во Призрен, Косово. Се смета дека тоа  е причина за заразата. Четирите лица од Скопје имаат фамилијарна поврзаност. Од каде дошле морбилите кај останатите случаи, не е познато.

Седум од заболените лица се хоспитализирани на Инфективната клиника, при што двајца добиле  пневмонија како компликација од заболувањето. Половина од новозаболените воопшто не биле вакцинирани.

За споредба, во цела 2017 година, Институтот регистрирал само 19 случаи на мали сипаници. Сега, половина од тој број е достигнат само во првите три месеци од годинава.

– Да се продолжи со засилен епидемиолошки надзор. Секој случај на мали сипаници кој исполнува клинички критериуми епидемиолошки да се истражи и лабораториски да се тестира. Да се анимираат матичните лекари и педијатри да ги пријавуваат сите сомнителни случаи до епидемиолошката служба на надлежниот Центар за јавно здравје, во рок од 24 часа по дијагнозата да го упатат пациентот на преглед кај специјалист инфектолог – советуваат од ИЈЗ.

Епидемиолозите велат дека сите лица што имаат мали сипаници мора да се однесат во болница.

Од морбили се заштитени само лицата кои примиле две дози на вакцината ММР – првата се прима со навршена една година, а ревакцинацијата е на шест години, кога децата тргнуваат во училиште. Оној што не вакциниран или е вакциниран само еднаш, не е заштитен од заразата. Но ММР е вакцината што родителите најчесто одбиваат да им ја стават на своите деца. За да се заштити населението, потребен е опфат на вакцинација над 95 отсто, како што препорачува Светската здравствена организација. Во 2016 година, последната за која има податоци, во Македонија опфатот за оваа вакцина бил 82 отсто.

Во Србија бројот на заболени се искачи на околу 3.000 лица. Од нив починаа шестмина, меѓу кои и четиригодишно дете. Тамошните власти објавија дека околу 94 отсто од заболените не се вакцинирани, не се вакцинирани со две дози или не се знае дали примиле вакцина. Во Црна Гора има дваесетина заболени, при што епидемиолозите утврдиле дека во 78 отсто случаи заболените се инфицирале од „увозен“ вирус. Во Албанија, само од почетокот на март има 50 случаи со симптоми на морбили, а две бебиња починаа.

Европскиот центар за превенција и контрола на болести соопшти дека тројно е зголемен бројот на заболени од мали сипаници во Европа минатата година во однос на годината претходно. Причина се антивакциналните движења.

С.С.З.