Македонија освои прво место на латино шоу во Грција


Со злато и бронза се враќаат македонските натпреварувачи од светското првенство во латино шоу, што викендов се одржа во Атина.

Седум девојчиња од танцовото студио „Eat the beat “ со кореографијата „Седумте џуџиња“ беа најдобри во нивната категорија. Го освоија првото место, станаа светски шампиони, а на Македонија и донесоа злато и пехар. Искачувањето на пиедесталот значеше и интонирање на македонската химна во спортската сала во Атина, каде што се одржа шампионатот. Според членовите на македонската делегација, за време на целото првенство, организаторите го користеле уставното име на Македонија.

Членовите на групата „Austin Powers”, пак, се закитија со бронза. Го освоија третото место во конкуренција од 29 групи од девет држави.

На Светското првенство во латино шоу, Македонија учествуваше со 120 натпреварувачи од три различни клубови, а со тоа беше втора најбројна држава. Пред нас беа Италијанците со околу 500 натпреварувачи, а зад нас домаќините од Грција со 100 учесници.

Членовите на македонската делегација, како и нашите натпреварувачи се задоволни од настапот и учеството, кое е трето по ред на Светско првенство, но првпат се враќаат домасо злато. вг/лв/16:00