Македонија земја на чуда

 

Звонко Давидовиќ

Ние сме ти една чудна земја населена со уште почуден народ, земја во која тешко дека ќе успееш да најдеш логика и оправдување за определени постапки и однесување на луѓето, земја на чудни аршини и уште почуден начин на размислување. Македонија ти е земја на негирање, дебатирање, затскривање и глупирање, земја во која за секое решение имаме проблем, а за проблемите никакво решение. Тоа ти е земја на побожни луѓе кои не веруваат во ништо, земја колепка на просветителите и писменоста во која мнозинството е полуписмено, земја на нихилисти и утописти. Овде не владее законот на логиката и очигледното, туку закон на теоретизирање со голема доза на глупирање без конечна разврска и решение за проблемот. Статус кво е најпосакувана состојба, а секој чекор напред се доживува како предавство. Само овде во мојата земја времето не врви и не се мери како секаде на планетава, туку застанува и прекинува да врви по потреба, нечија желба или наредба, се мери онака како кому одговара, па затоа сме многу зад другите кои зачекориле во 21 век, а ние сè уште талкаме некаде помеѓу 18 и 19 век, додека некои луѓе сè уште подалеку во минатото, таму некаде кај фалангата.

Ние сме ти еден чуден народ, досетлив и итар, кој секој пропис и решение знае да ги искриви, исчуручи и изигра онака како му одговара или во мигот му „сече“ во умот за по неколку дена сите други да ги критикуваме за истите постапки или решенија. Кај нас обврските не се исполнуваат, туку се одбегнуваат, пролонгираат или намерно забораваат. Суетни сме и не постои на светот поумен и поубав од нас, сите други се во наша сенка, и планетава и небово само поради нас ротираат и постојат, а сонцето е само наше и нас нè грее. Ние сме секогаш обесправени, ограбени и онеправдани, но никогаш виновни и одговорни. Само овде минатото се пишува или брише по потреба, сè што било вчера не се памти и се заборава, се радува и креира минатото, а за иднината не се ни размислува.

Авторитети во мојата земја не се умните луѓе со докажани резултати и признанија, туку луѓе со дебели досиеја и сомнителни конта. Секогаш оној чуден и полупијан „мудрец“ од пред селската кооперација подобро ја води македонската репрезентација од селекторот, а пред „Идадија“ се мудрува за меѓународните односи и решенија, но кога треба нешто јавно да се каже или да се застане зад некаков став или решение сите молчат чекајќи дебатата да заврши, па на раат да дебатираат. Овде во мојата земја сите се и лекари и инженери, премиери и генерали, селектори и гувернери во исто време. Секој има предлог и решение на кафеанска маса, ама има амнезија или неодложна обврска кога ставот треба гласно и јавно да го да го каже. Само кај нас дијаспората знае подобро од нас што сме овде, како во Македонија ние живееме и што е уште поважно, како треба да живееме. Анти НАТО се расположени од Америка, антиевропски од Брисел, а за македонскиот јазик и култура да не се даваат, порачуваат на англиски овие дијаспора-патриоти. Судството со децении не работи и служи за потсмев, а еден ист закон двајца судии го читаат и го применуваат на три начини. Од судница до судница истиот закон различно важи, па во едната судница за ќебапчиња се праќа во затвор, а во другата за прегазено дете се добива услов. Во новата зграда се суди деноноќно од мугри до полноќ, а во зградата до неа застарува предмет со изречена казна затвор. Еден кварт подалеку, таму на кејот каде што мостот „Око“ горделиво лежи над Вардар, гласот за криминалот тешко допира и уште потешко се слуша поради добрата гипс-картон изолација и стаклената купола, најверојатно. Две улици подолу гласот уште потешко допира, оној за судските ујдурми, поради бучавата на сообраќајот и бучните туристи пред домот на Мајка Тереза, претпоставувам. Образованието ни е на завидно ниво со учебници кои се пишувани од најслабите ученици, но најснаодливи на тендер. Само кај нас ученикот доаѓа на училиште со бе-ем-ве, а учителот со велосипед и само кај нас ученикот има поскап телефон кој чини две учителски плати. Единствено ние имаме куп универзитети и факултети, по еден на 10.000 жители и во секој поголем град, а сите се селат и студираат во Скопје. Не постои друг град на светот во кој е чудно што не си од провинција, туку си роден баш во него.

Само во нашата земја надвор од главниот град нема книжарници во кои можеш да купиш книги, но на секој чекор има обложувачници, а коефициентите се најчитано четиво. Во нашата земја е побезбедно да се лекуваш дома затоа што во болница се умира од „лекарска“ грешка, а доктори нема бидејќи се иселиле во странство. Ние сме земја со многу неброени нешта, земја во која бројот на администрацијата не се знае, а ни бројот на население. Попис кај нас се прави единствено во гранапчиња пред Нова година. Чудна земја ти е оваа наша Македонија, во која сè е можно на невозможен начин.