Македонија главна за дуално образование во Западен Балкан

Македонија ќе го координира спроведувањето на програмата за дуално образование за земјите од Западен Балкан. Ова е одлучено на Коморскиот инвестициски форум, којшто е формиран со цел да придонесе за зајакнување на регионалната соработка и привлекување инвестиции во Западен Балкан.

„Дадена ни е голема поддршка за сите шест западнобалкански држави да го водиме тој процес. Ние сме подготвени за тоа и мислиме дека тоа е во согласност со најголемиот проблем што постои во моментов во Македонија, а тоа е обезбедување работна рака“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, по враќањето од Коморскиот инвестициски форум што на почетокот на неделава се одржа во Австрија.

Азески вели дека македонските компании ќе бидат обезбедени во наредните четири години, во неколку сегменти, со средства од германската, јапонската австриската влада и од ЕУ, освен за програмите за дуално образование, и за поддршка на извозни активности, во делот на институционалниот капацитет, меѓуграничната соработка и едукацијата за користење на ресурсите на ЕУ.

„Тоа значи дека во наредните 3-4 години можеме да очекуваме дека македонските компании, врз основа на нашата програма за поддршка на извозот и на индустријализацијата можат да сметаат на конкретни средства, кои како буџет за целиот Коморски инвестициски форум се околу 100 милиони евра“, рече Азески.

Комората најавува дека во наредниот период следи интензивирање на регионалната соработка. Услови за тоа овозможува и решавањето на проблемот со името.

„Ние со Грција и досега имавме добра економска соработка, и инвестициска и тековна. Со договорот ќе се надминат и проблемите што постоеја со немањето договори за избегнување на двојно оданочување и на други договори. Имаме сериозен форум со Бугарија. Договоривме неколку настани наредните 3-4 години со Србија“, рече Азески.