Луксуз

ЛЕЈЛА САБИТ

Не се мери веќе со пари, моќ, политика, злоба, глупост, алчност, лага, банкарски сметки, стандард, недвижности, злато, дијаманти, куќи, автомобили, јахти, патувања, шопинг, брендови, кич, ботокс, пијанство, свадби, разводи, подароци, фалење, врева, експонирање, надмудрување, озборување, лобија, кланови и интерес. И тука и во светот.

Сега се луксуз времето, слободата, здравјето, хуманоста, манирите, чесноста, добрината, вистината, душевниот мир, добриот вкус, стилот, правилната исхрана, паметта, скромноста, анонимноста, стабилноста, верноста, довербата, аполитичноста, тишината, дадениот збор, семејството, вистинските пријатели и познајници.

Се чудиме што дното се искачи на врвот, врвот стана дно, криминалот ја засени правдата, мажите станаа жени, жените мажи, се менува личниот опис, килограмите варираат, мобилките се вжештуваат, социјалните мрежи вријат, сеирот доби на цена, а од критики, популарност и успешност, и понатаму се браниме со молчење или навредување.

На секого му треба трошка магија, а не луксуз во животот.

Некому на почетокот, а некому на крајот од годината.

Некогаш е само збор, некогаш желба, некогаш вистина, а некогаш фантазија.

Еден момент, еден ден, една година или цела деценија.

Магијата не ја прави само магионичар, на сцена или во филм.

Најчесто ние сме магионичари на нашата судбина, а некогаш судбината ни ја крои некој друг.

Ама, ете, сите со нетрпение ја чекаме новогодишната, празничната или летната магија.

Тогаш градот мириса на море, сладолед или печени костени и цимет.

На секој чекор празни или полни улици и плоштади, се слуша детска смеа.

Почнуваат турканици, се полнат кафулиња и ресторани, секој е со задоволство виден гостин.

Семејството и пријателите се центарот на вашиот универзум, се слави, се чести или едноставно се дружите.

Никој не мисли на проблеми, сите мислат на празничните радости.

Во тоа е магијата. Да ве однесе со мислите и позитивната енергија некаде далеку, а всушност домот ви е Македонија.

Есен се ближи…