Локалитет Скупи: Презентација на реализирани конзерваторско-реставраторски работи
Управата за заштита на културното наследство денеска на археолошкиот локалитет Скупи ќе ги презентира досегашните реализирани конзерваторско-реставраторски работи на античкиот театар и планираните идни активности кои се под нејзина надлежност.
Реализираните и идните активности ќе ги презентира директорката на Управата за заштита на културното наследство, Елеонора Петрова-Митевска.
Археолошкиот локалитет Скупи се наоѓа во западниот дел од подножјето на Злокуќанското Кале во општина Карпош. Градот Скупи за време на римското владеење е населен со римски воени ветерани, со што добива статус на колонија, највисок ранг на град надвор од Рим. Како единствена римска колонија на територија на Република Македонија, локалитетот Скупи е еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија. Последните систематски истражувања на театарот во Скупи се реализирани во период од 2013 до 2016 година, од страна на Музејот на град Скопје во соработка со Институтот за историја на уметност и археологија при Филозофскиот факултет во Скопје.
Во август 2016 година почнаа конзерваторско-реставраторски работи на гледалиштето на античкиот театар на Скупи, а прекинаа во септември 2017 година поради немање дозвола за градба согласно постоечкиот Основен проект за конзервација, реставрација и реконструкција на гледалиштето. Поради тоа, а заради соодветна заштита на остатоците од античкиот театар, изработен е Анекс на основниот проект со кој ќе се извршат сите потребни конзерваторско-реставраторски работи согласно со Законот за заштита на културното наследство, информираат од Управата за заштита на културното наследство.