Лазаров: Сакаме да создадеме млади квалитетни ракометари
Најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров е убеден дека работата со младите ќе даде резултат. Следната недела стартува втората сезона од школата за ракомет „Кирил Лазаров 7“, која ќе биде проширена во три нови општини.
– Наша цел е да бидеме инкубатор на млади квалитетни ракометари , отворени сме за соработка со сите клубови во кои еден ден ќе играат нашите деца. Не случајно школите се отвораат и во рурални средини, бидејќи никој не знае дали во некое од тие места е роден и живее некој иден врвен ракометар, кој работејќи дисциплинирано и посветено еден ден ќе ја почувствува тежината, одговорноста и обврската кон македонското знаме гордо носејќи го репрезентативниот дрес, вели Лазаров.
Играчот на Нант својата мисија „Ракомет за секое дете“ преку отворање на школи низ Македонија ја започна официјално пред една година. До сега се отворени школи во 11 места на сите страни на земјава во кои тренираат преку 500 деца, момчињата и девојчињата родени 2006/07 и помали поделени се во групи во зависност од возраста и познавањето на ракометот.
Од оваа сезона школата на Лазаров ќе започне со работа во Делчево, Кисела Вода и Битола.